2025 може да се изедначи со втората најтопла година во историјата на мерењата

Планетата е на пат да ја запише втората најтопла година откако постојат мерења, изедначувајќи се со 2023 година, веднаш по рекордно топлата 2024 година, објави денеска европската служба „Коперникус“ за следење на глобалното затоплување.

Според Светската метеоролошка организација, последните десет години се истовремено и најтоплите десет години досега забележани, што ја потврдува драматичната забрзаност на климатските промени.

Новите податоци на Коперникус покажуваат дека глобалните температури се движат кон надминување на прагот од 1,5 °C над прединдустриското ниво, цел утврдена со Парискиот климатски договор од 2015 година. Просечната температура од јануари до ноември изнесувала 1,48 °C повисоко од прединдустриските вредности и моментално е изедначена со онаа во 2023 година, што ја прави оваа година втора најтопла во историјата.

„Тригодишниот просек за периодот 2023–2025 е на пат првпат да ја надмине границата од 1,5 °C“, предупреди Саманта Бургес, стратег за клима во Коперникус. Таа нагласи дека ваквите пресвртници не се теоретски, туку директен доказ за забрзаното глобално затоплување. Единствениот начин да се забави растот на температурите, рече, е брзо намалување на емисиите на стакленички гасови.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш уште во октомври предупреди дека светот е многу блиску до неможност да го ограничи глобалното затоплување под 1,5 °C во блиските години.

Изминатиот месец бил третиот најтопол ноември во историјата, со температура 1,54 °C над прединдустриското ниво. Просечната глобална температура на површинскиот воздух достигнала 14,02 °C.

Иако ваквите порастови на температурите можат да изгледаат мали, научниците постојано предупредуваат дека тие веќе ја дестабилизираат климата и овозможуваат поекстремни олуји, поплави и други природни непогоди.

„Месецот беше обележан со серија екстремни временски настани, меѓу кои и тропски циклони во Југоисточна Азија, предизвикувајќи масовни поплави и загуби на човечки животи“, соопшти Коперникус.

Во Европа, ноември бил петтиот најтопол досега, со просечна температура од 5,74 °C. Источна Европа, Балканот и Турција имале исклучително високи температури, додека Скандинавија и јужна Германија биле релативно постудени. Само три претходни години во Европа биле потопли од оваа.

Филипините минатиот месец ги погодија два силни тајфуни кои усмртија околу 260 луѓе, а Индонезија, Малезија и Тајланд се соочија со големи поплави.

Просечната глобална температура за есента на северната хемисфера (септември–ноември) била третата највисока во историјата, веднаш зад 2023 и 2024 година.

Коперникус наведува дека температурите биле над просекот речиси насекаде, особено во северна Канада, над Арктичкиот Океан и делови од Антарктикот, иако во североисточна Русија биле забележани значајни студени аномалии.

Службата ги заснова своите анализи на милијарди сателитски и метеоролошки податоци, на копно и море, со записи што се протегаат до 1940 година, а глобалните компаративни мерења се од 1850 година.

Постепеното, но континуирано зголемување на глобалните температури е директно поттикнато од емисии на гасови што го загреваат планетот, најмногу од согорувањето на фосилни горива од индустриската револуција до денес.

И покрај договорот за транзиција од фосилните горива постигнат на климатскиот самит COP28 во Дубаи, светските политички амбиции забележливо застојуваат. На COP30 во Белем, Бразил, минатиот месец беше постигнат договор кој избегна нов експлицитен повик за постепено укинување на нафтата, гасот и јагленот поради противењето на земјите производители.

Извор:Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни