14 лица се повикани на разговор во врска со случајот на врсничко насилство што ја вознемири јавноста, што се случил во скопската населба Ѓорче Петров, информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Ова е сериозен проблем кој нè засега сите и кој ќе остане во фокусот на Министерството за внатрешни работи. Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во предметот е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува по насока на надлежен јавен обвинител“, изјави Тошковски.
Министерот додаде и дека поради тоа што се работи за малолетници, јавноста ќе биде информирана внимателно и со ограничени детали, со цел заштита на децата и постапката.
Инаку настанот се случил кон крајот на месец март во паркот во Ѓорче Петров на педесеттина метри од полициската станица, а она што дополнително ја вознемири јавноста е бруталноста на малтретирањето на жртвата.
Снимки од тепањето и понижувањето завршиле на социјалните мрежи, но и циркулирале по телефоните на учениците.