Познатиот раскажувач, новинар, спортист и боем, добитник на Нобеловата и на Пулицеровата награда за литература е роден пред 125 години, на 21 јули 1899 година.
Со објавувањето на „Сонцето повторно изгрева“ во 1926 година, Хемингвеј станува не само гласот на „изгубената генерација“ туку и најистакнатиот писател на своето време. Најпопуларното дело на Хемингвеј, „Старецот и морето“, е наградено со Пулицерова награда во 1953 година, а во 1954 година Хемингвеј ја добива Нобеловата награда за литература „за неговата моќна, стилообразувачка вештина на уметноста на раскажување“.
Хемингвеј е второто од шесте деца на Кларенс Хемингвеј, лекар и Грејс Хол Хемингвеј. По завршувањето на средното училиште во 1917 година, тој работел како известувач за „Канзас Сити Стар“ во Мисури. За време на Првата светска војна бил волонтер возач на брза помош за Црвениот крст во Италија каде и бил ранет од минофрлачки оган и поминал месеци закрепнувајќи.
Во текот на 1920-тите, Хемингвеј живеел во Париз, Франција и бил дел од група иселеници писатели и уметници, меѓу кои биле Ф. Скот Фицџералд, Гертруда Стајн и Езра Паунд.
Во 1925 година, Хемингвеј ја објавил својата прва збирка раскази во САД, по што следел неговиот добро прифатен деби роман „Сонцето исто така изгрева“ од 1926 година, за група американски и британски иселеници во 1920-тите кои патуваат од Париз до Памплона, Шпанија, за да гледаат борби со бикови.
Во 1929 година, Хемингвеј, кој веќе ја напуштил Европа и се преселил во Ки Вест, Флорида, го објавил романот „Збогум оружје“, за американски возач на брза помош на италијанскиот фронт за време на Првата светска војна и неговата љубов кон убава англиска медицинска сестра.
Во 1932 година, била објавена книгата „Смрт во попладневните часови“, за борбите со бикови во Шпанија. Во 1935 година објавено е уште едно дело, „Зелените ридови на Африка“, за сафарито што Хемингвеј го направил во Источна Африка во раните 1930-ти.
Во доцните 1930-ти, Хемингвеј отпатувал во Шпанија за да известува за граѓанската војна во таа земја, а исто така поминал извесно време живеејќи во Куба.
Во 1940 година, бил објавен познатиот роман „За кого бијат камбаните“, за младиот Американец кој се бори со група герилци во шпанската граѓанска војна.
Хемингвеј продолжил да работи како воен дописник во Европа за време на Втората светска војна и го објавил романот од 1950 година „Преку реката и во дрвјата“.
Последното значајно дело на Хемингвеј што било објавено за време на неговиот живот е „Старецот и морето“ од 1952 година, новела за остарениот кубански рибар.
Хемингвеј станал култна личност и по своите четири бракови и авантуристички подвизи во лов и риболов, кои биле секогаш следени од јавноста.
Интересно е што Хемингвеј имал посветено книги на секоја од неговите четири жени. Секојпат кога ќе се разведел, Хемингвеј повторно се преженувал и тоа за помалку од една година. Сепак, тој секогаш оставал некакво парче спомен од бракот и тоа го правел на хартија. Посветата на „И сонцето изгрева“ била за неговата прва жена, Елизабет Хадли Ричардсон; „Попладневна смрт“ била посветена на неговата втора жена Паулин Фајфер; „За кого бијат камбаните“ била посветена на Марта Гелхорн, неговата трета жена и „Преку реката и во дрвјата“ била „на Мери, со љубов“.
Една од најважните жени во животот на американскиот писател Ернест Хемингвеј е италијанската грофица Адријана Иванчич. Нејзиниот портрет може да се види низ некои фотографии во приватната архива на писателката. Критичарите ја гледаат Адријана како хероина на неговиот последен роман „Преку реката“. Романот ја раскажува приказната за 50-годишен ветеран по војната, сеќавањата од приказната за страста со млада италијанска грофица. Се верува дека Адријана е заборавената муза, а можеби и најважната муза на писателот. За време на нивната љубов, тој објави едно од делата кои се сметаат за негови најдобри, „Старецот и морето“, за кое Хемингвеј ја добил Пулицерова награда во 1953 година и Нобеловата награда за литература во 1954 година.
По преживеаните две авионски несреќи во Африка во 1953 година, Хемингвеј станал сè поанксиозен и депресивен. На 2 јули 1961 година, тој се самоубил со сачмарка во својот дом во Кечум, Ајдахо.