Овие протести се поинакви од сите претходни – децентрализирани се и иновативни. Одлуките ги носат студентите преку пленуми, користејќи непосредна демократија,“ вели адвокатот Јован Рајиќ, коментирајќи ги за Рацин.мк актуелните протести во Србија.
„Борбата што ја водат младите е доказ за силата на непосредната демократија. Секој ден се пишува историја,“ заклучува Рајиќ.
Според него, најинтересно е како демонстрантите брзо се адаптираат на провокациите од властите, со активности што ја прават нивната следна акција непредвидлива.
-Протестите во Србија, што започнаа по трагичниот инцидент на железничката станица во Нови Сад, каде загинаа 15 лица, се претворија во масовно движење. Студентите се главните организатори, воведувајќи нов модел на одлучување без формални лидери. Очигледно е дека властите немаат одговор на овој вид борба, додава Рајиќ, истакнувајќи дека владата не покажува способност да ги уважи барањата на студентите.
Според адвокатот, причината за ваквиот однос на властите е во нивната навика постојано да ги засилуваат критиките, наместо да бараат решенија.
-Оваа власт нема ширина да разбере дека со постојано „затегнување“ не може да се стигне до решение. Ако ги исполнат барањата, ќе се отвори бран одговорност и информации, што корумпираната политичко-мафијашка структура не може да си го дозволи,“ објаснува Рајиќ.
Протестите кулминираа на 24 јануари 2025 година со генерален штрајк, во кој учествуваа и други општествени групи – наставници, адвокати и вработени во културни институции. Блокади на образовни институции и сообраќајници, протестни маршеви и јавни дебати се само дел од нивните активности.
Студентите остануваат цврсти во своите барања за одговорност, правда и реформи.
-Нашите пленуми ја рефлектираат волјата на студентите. Не дозволуваме политички манипулации или компромиси, изјави еден од учесниците на последната блокада во Белград.
Аналитичарите предупредуваат дека протестите, покрај притисокот врз властите, го одразуваат и длабокото незадоволство на граѓаните од корупцијата и недостигот на одговорност во институциите.