„Знаете дека секогаш сум била отворена книга. Ова е мојот последен настап пред да заминам да ја победам болеста. Затоа овој концерт ми значи толку многу“, рече пејачката, со солзи во очите, на Capital’s Summertime Ball.
Џеси Џ изрази благодарност за својот живот, кариерата, публиката, синот и партнерот:
„Имам толку многу причини да живеам. Толку нешта што сакам да ги направам.“
На сцената ја исполни песната Living My Best Life, која ја нарече свој личен саундтрак, шегувајќи се дека можеби требало да се вика Living My Breast Life.
Дијагностицирана е во рана фаза на рак на дојка
Овој месец Џеси откри преку Instagram дека ѝ бил дијагностициран рак на дојка во рана фаза и дека наскоро ќе оди на операција.
„Ракот е страшен, во каква било форма. Но се држам до зборот ‘рана’, затоа што тоа ми дава надеж“, изјави тогаш.
Признала дека долго се двоумела дали да ја сподели дијагнозата јавно, но на крајот одлучила да биде искрена – и за себе, и за другите.
„Знам колку ми помогнало кога сум ги споделувала моите приказни – и колку многу љубов, поддршка и искуства сум добила назад.“
На крајот од настапот им порача на публиката:
„Ајде да внесеме малку добра енергија тука – затоа што знам дека не сум единствената што моментално се соочува со нешто големо.“