Отсекогаш ми биле посебно храбри и интересни луѓето кои менуваат професии и повици – треба навистина да сакаш предизвик и да се посветиш целосно на промената. Еден од нив е и Љубиша Арсиќ, кој од новинарски води премина во угостителско-музички, и тоа го прави со особена страст и посветеност.
Од првата журка до денес, Оревче е сцена каде што залезите звучат како диџеј сетови, коктелите се сервираат со став, а „клабингот“ е интимно искуство на отворено. „Можеби сме ризикувале со тоа што одбравме исклучиво електронска музика, но затоа ни се враќа верна и паметна публика“, вели Арсиќ.
Во ова интервју тој зборува за слободата како концепт, за личните жртви, за првите ореви што му го дале името на местото и за најмагичните моменти што се случуваат меѓу 7 и 10 часот наутро – пред првата журка, додека штурците уште ја прават утринската увертира. „Ако некаде се чувствувам свој, тоа се тие 800 квадрати урбана зона. Слобода, но и трпение, ризик и љубов.“
Или како што самиот вели: „Оревче одамна не е само мал бизнис – стана израз на моето постоење.“

Tрн: Од новинарски приказни до плажа – како изгледаше тој „прв скок“ во бизнисот со летна сцена? Дали беше храброст, лудост, или нешто друго?
Љубиша: Со еден збор беше – младост. Имав 29 години, а беше 2009-та година кога ја исчистивме депонијата на локацијата Оревче и ја отворивме плажата, за која ни требаше неколку летни сезони да ја средиме како што ја замислувавме. Зборувам во множина затоа што не смеам и не можам заслугата за тоа што го имаме изградено да си ја припишам само на себе. Првиот скок го направив кога се уште бев активен новинар, тогаш, таа 2009-та, бев во телевизија Алфа. Имав голема поддршка и разбирање од тогашните мои шефици, уреднички на вестите, па неколку лета по ред ме ослободуваа по два до три месеци да можам да се посветам на она што на почетокот беше авантура, непознато патување… но, и предизвик и почеток на нешто во кое сме имале верба дека ќе успее, без да се сметаме за храбри, туку повеќе за „луди“. И така тој скок од сегашна перспектива, после 15-тина години, ми изгледа како уште да сум во воздух и не сум го направил доскокот. Или, искрено посакувам оваа приказна да потрае барем уште малку.

Трн: Оревче има култен имиџ, посебно кај младите. Како се создава таква атмосфера? Што ја прави плажата „таа што се памети“?
Љубиша: Оревче за многумина, не само за младите, имаме ние и повозрасна публика на нашите настани, е страст, место кое не би го менувале за ниту една друга точка на охридскиот брег. Низ годините многу од коментарите на верната публика се дека е привилегија да присуствуваш на журка со 200 до 300 луѓе, на плажа, на зајдисонце, во ретка атмосфера. Можеби така сме го изградиле тој култен имиџ, свесни дека можеби, со изборот на музиката и со настапи искилучиво на диџеи од електронската сцена, (правевме на почетоците и концерти) сме ризикувале да имаме помалкубројна публика, но затоа таа е верна, паметна и не’ полни со енергија. Токму таквата интимност на нашите забави ја создава уникатната атмосфера која се памети и се пренесува. Мислам дека не постои некој што дошол еднаш на забава, а потоа не се вратил уште неколку пати.
Трн: Од каде дојде името „Оревче“? Дали навистина е инспирирано од орев, или има некоја „тајна шифра“ зад тоа?
Љубиша: Оревче е името на самата локација. Таа парцела на која е сместена плажата го носи тоа име со децении, барем до толку можев да проверам. На плажата, кога ја отворивме, имаше три големи и стари ореви. Во муабети со стари жители на село Пештани, кои има и по 90-тина години, дознав дека тие ги паметат оревите уште од деца и дека таа „дива плажа“ ја викале Оревче. Нам не ни сметаше плажата да ја именуваме онака како што пештанци ја нарекуваат таа парцела. Што значи нема некој код или некаква шифра, туку во името има емоција кај многу локални генерации, има континуитет и сега, во последните години, името има и популарност, ха ха ха… Зимата во 2015-та трите стари ореви, за жал, паднаа од тежината на снегот и на нивно место веднаш насадивме нови дрвја, кои се достојна замена за оревите по кои е именувана плажата.

Трн: Од кого доби поддршка на почетокот, а од кого очекуваше – а ја немаше? Дали луѓето знаат да бидат добредојдени кога менуваш светови?
Љубиша: Знаеме сите ние да менуваме светови, ако сакаме и ако сме упорни. Но, промената на мојот свет, од медиумско- новинарски во угостителско- музички, не ме промени мене и луѓето околу мене. Оревче само не соголи во умот и во душите, да бидеме поискрени, поотворени, да го прикажеме тоа што го цениме од музиката и сцената. Освен од моето семејество, поддршката беше несебична од целата моја другарска екипа, и тоа не само на почеток, туку низ сите овие години. Имам неколкумина другари кои, кога се присетуваат на сето она низ кое сме поминале, да воздивнат- „Оревче е крв, пот и љубов“. А овие зборови мене ме асоцираат на тоа дека ние низ нашите, околу 400-500 настани, во изминатите години, од кои 40-50 со светски диџејски имиња, сме се дале целосно за да направиме настани вредни за спомен.

Трн: Кој е најголемиот предизвик во оваа работа што луѓето не го гледаат додека пијат коктели во лежалка?
Љубиша: Она на кое што прво помислувам е како да направиш синхронизација на цената на лежалката, коктелот и влезницата за журка, а тоа за многумина да биде прифатлива цена, ха ха ха… Мене ми е голем предизвик, на пример, плажата да биде чиста и секое утро средена. Тоа исто така стана карактеристика на Оревче, препознаена од гостите. Од посериозните предизвици ќе ги издвојам неопходноста да имаме сончево време за странските музички настани, кои е невозожно да се одложат за друг ден, предизвикот да направиме позитивна атмосфера за публиката, да овозможиме гостите да имаат удобен претстој и да го запаметат Охридското езеро и плажата како локација каде што им се случила најубавата, мала, интимна и емотивна журка во кариерата. Да не заборавиме дека многумина од артистите кои настапувале на Оревче сме ги бирале кога биле во подем и сега, неколку години потоа, се сериозни имиња на музичката и клубска сцена. При изборот несебично ми помагаат моите соработници и тоа заедништво во работата ни е гарантиран успех дека нема да утнеме артист, иако многу пати, голем број од странските диџеи за прв пат биле во Македонија преку настапот на Оревче. И еден таен предизвик ми е понекогаш да го менувам персоналот во кујна и не сум лош како прва резерва.
Трн: Кои моменти од досегашното Оревче-лето ти се во срце? Некој концерт, залез, случка што ја раскажуваш како легенда?
Љубиша: Прашање од кое се плашев оти никогаш не може човек да избере, па дури и да се сети на нешто, кога тоа мора да го сподели јавно. Ако зборувам за приватен момент, тоа е утринскиот мир на плажата. Наутро, особено за викенди, во период од 7 до 10 часот кога јас и другите ранобудци од екипата правиме последни подготовки пред журките. Слушаме штурци кои прават музичка увертира за тоа што следи низ денот. На Оревче се случиле премногу забавни, комични, уникатни ситуации, како меѓу нас во тимот, така и во комуникацијата со гостите. Едноставно некои случки мора да се доживеат и не се доловуваат кога се прераскажуваат. Ако морам да изберам концерт, ќе изберам еден фантастичен концерт на Darkwood dub, концертите на Фолтин и Бернајс пропаганда… а за диџеите списокот е голем, зад нашиот пулт застанале Lehar, Tim Green, Sebastian Leger, Frenky and Sandrino, Miss Melera, Brina Knaus, Leyla Benitez, Andrey Puskarev, Mihai Popoviciu, Hernan Cataneo, Nick Warren, Magdalena, Eelke Klein, и уште многу други, чии настапи секој на свој начин допреле до мене. За залезите на сонцето само ќе кажам дека во 90 дена, колку што сме отворени низ летото, 90 пати тие се различни во колоритот и сјајот, но секогаш се магични, возбудувачки и мамка за фотографии. Освен кога е облачно 😊

Трн: Плажата често е метафора за слобода – дали ти се чувствуваш така?
Љубиша: Плажата, но и целиот концепт што го работиме се навистина слобода, но и трпение, ризик и жртва. Ако некаде се чувствувам свој и слободен тоа се тие 800 квадрати слободна и урбана зона. Ако навистина сакате да знаете за што ви зборувам отворено ве канам цела редакцијата на Трн, како медиум што ја третира независната и електронската сцена, на некоја од претстојните забави, кои почнуваат на 19 јули, сабота, и продолжуваат во следните 20-тина денови. Ќе се погрижиме да го „вкусите“ во целост тоа што го сервираме- слобода, насмевки, танцување и заедништво…
Трн: Што подготвуваш до крајот на ова лето? Нови журки, неочекувани гости, промени?
Љубиша: Она што не прави горди ова лето се настапите на неколку познати светски имиња, и на некои артисти во подем, она што е препознатливост на Оревче. Започнуваме на 19 јули со германката Gentijana Zeneli, која влече корени од Косово и која за прв пат гостува во Македонија. А свои промо настапи во нашата држава ќе имаат и Enzo Leep од Шпанија на 26 јули, а утредента на 27 јули и Ива Арифај од Србија. Потоа, за Илинден, имаме прогресив-празничен викенд со настапи, на големиот продуцент и диџеј Kamilo Sanclemente на 1 август, потоа на 2 август ни гостува Forty cats, диџејка и продуцентка. И во недела на трети, имаме диџејско трио од Србија преку организацијата World of Progressive. На нашите страници на социјалните мрежи постојано објавуваме известувања за настаните. Секогаш сме правеле барем по неколку навистина значајни настапи на диџеи во текот на летото, избираме различни правци од елетронската музика, за да може сите оние кои не посетуваат да имаат избор кога ќе одлучлуваат каде да ја доживеат најдобрата денска електронска забава под отворено небо.

Трн: Како ти се менува животот лето по лето? И дали си замислуваш некој ден да се вратиш на новинарството – или си нашол своето место под сонцето?
Љубиша: Некако како да ми поминаа многу години со креирањето клуб на плажа, a на новинарството ретко помислувам. Во она новинарство, политичкото, во кое работев, не знам дали некогаш би се вратил, засега немам некој предизвик. Може во некоја поинаква форма на новинарско изразување, во поинаков медиум, ама за тоа понатаму. Фокусот овие години ми е како да ја одржиме клупската електронска сцена на брегот на Охридското езеро, затоа што изминатата деценија се обидуваме сме поинакви, поразлични, да бидеме алтернатива на сето друго што се случува со музичките настани во Охрид. Сакаме на домашните и странските туристи да им поставиме поинакви стандарди за забава и за квалитетна музика. Значи во моментов имам место под сонцето, но доаѓаат моменти кога човек ќе сака да прилегне и „под сенка“. Ќе зборуваме некогаш и за тоа.

Трн: И за крај – што значи за тебе лично „Оревче“? Дали е само бизнис, само плажа, или има нешто подлабоко?
Љубиша: Оревче е многу повеќе од само плажа, ако ми давате слобода јас да ја опишувам. Оревче е солидарност, соработка, дух и енергија, поинакво музичко доживување и летна авантура… Оревче одамна не е само мал бизнис, плажата стана израз на моето постоење. Пред 17 години ништо не изгледаше како денес и ништо не навестуваше дека целосно ќе се предадам на овој свет.