Повеќе од година и три месеци по донесувањето на Законот за употреба на македонскиот јазик, најавениот Инспекторат — централното тело за надзор и заштита на јазикот — сè уште не може да ги исполни основните законски обврски. Именувана е директорка, доделени се по 600.000 денари преку ребалансот на буџетот за 2024 и истата сума за 2025 година, но Инспекторатот „тоне во административни процедури“ наместо да ја следи и санкционира злоупотребата на јазикот.
Во самиот закон јасно е наведено дека Инспекторатот треба да биде усогласен со Законот за инспекциски надзор, но ниту тоа усогласување не е направено. Без формално внесување во Законот за инспекциски надзор и без јасна промена на систематизацијата, Инспекторатот нема правен основ ниту инструменти за објава на инспекциски налози, ниту за заемно признавање на прекршочни наредби во централниот и локалните регистри.
Со тоа, телото нема ниту вработени инспектори — иако беа најавени пет стручни лектори задолжени да ја следат употребата на македонскиот јазик во јавната администрација, медиумите, образованието и издаваштвото. Без тие лектори и без јасно дефиниран распоред на работни места, Инспекторатот не може да прими и обработи ниту една претставка од граѓани, ниту да ги провери исполнетите законски норми во документите и актите на државните институции.
Во меѓувреме, најчестите прекршувања на Законот — јазични грешки во внатрешните акти или несоодветна употреба на стандардот — остануваат неказнети. Институциите продолжуваат да ги игнорираат законските обврски за вработување лектори по македонски јазик, додека граѓаните и професионалците остануваат без никаква правна заштита и насока.
Наместо активен надзор и конкретни инспекциски постапки, добивме само голи најави и преоптоварена канцеларија во рамки на Министерството за култура и туризам, чие постоење формално е задоволено, но суштински е нефункционално. Ако институциите навистина сакаат да ја заштитат и унапредат употребата на македонскиот јазик, сега е моментот да се испорачаат законски комплементи, систематизација и средства за работа на Инспекторатот, наместо уште една „празна институција“ на хартија.
Разговаравме со Елена Јованова Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик и Виолета Танчева-Златева, авторка и лекторка – за да разбереме како тие го доживуваат јазикот денес: не како лингвистичка форма, туку како животна и национална вертикала.

„Македонскиот јазик е наша лична и колективна карта на постоење. Петти мај не е само формален празник, туку ден за самопрепознавање. Јазикот не е даденост, туку резултат на истрајност, љубов и труд. Не смееме да заборавиме дека кодификацијата во 1945 не се случи одеднаш, туку беше кулминација на генерациска борба. Творците како Блаже Конески, Харалампие Поленаковиќ, Божидар Видоески и други вложија огромна интелектуална енергија да го обединат и стандардизираат јазикот што го зборувавме, но никогаш не беше официјално признаен“, вели Јованова Грујовска, потсетувајќи дека кодификацијата не е крај, туку почеток на постојана грижа.
Денес, сепак, таа грижа сè повеќе се префрла од рацете на научниците во рацете на институциите и – уште поважно – во свеста на секој граѓанин.

Виолета Танчева-Златева, која со години работи како лекторка, писателка и промоторка на добриот македонски јазик предупредува дека најголемата опасност за јазикот доаѓа од рамнодушноста. „Можам да наведам многу дефиниции и размисли за јазикот, и пак да останат некажани многу работи. Но едно правило важи секогаш – сè додека не останеш без нешто, не сфаќаш колку ти значи. Така е и со јазикот. Го земаме здраво за готово, како нешто што ќе си стои таму без разлика дали се грижиме за него или не. А токму во тоа е проблемот.“
Таа нагласува дека најраната едукација – во домот, во училиштата, преку медиумите – треба да ги учи децата на значењето на јазикот како нешто што не само што не ни е дадено на вечно користење, туку е и наша одговорност. „Јазикот бара грижа и заштита, денес особено од напливот на странцизми што сè полесно ги прифаќаме, заборавајќи ги македонските зборови. И не, македонскиот јазик не е сиромашен. Ние сме сиромашни со знаења за него и мрзливи да размислуваме за да го најдеме вистинскиот збор. Јас секојдневно се трудам да ја сочувам неговата изворна чистота, да го сочувам од туѓа синтакса, да го почитувам неговиот ритам и логика.“

И покрај долгата борба – 80 години по кодификацијата, јазичните „ветерници“ не стивнуваат. Борбата денес не се води на барикади, туку во канцеларии, училишта, редакции и дигитални платформи. Македонскиот јазик живее – но дали дише слободно? Одговорот не го носи ниту еден закон, ниту еден лектор, ниту една институција. Одговорот е во секојдневните избори на секој од нас – во зборовите што ги користиме, во речениците што ги пишуваме, во мислите што ги мислиме.
Зашто, како што вели Танчева-Златева: „Мене македонскиот јазик ми е и љубов и работна алатка. А за љубовта – мораш да се бориш.“