Јан Стојановски го освои првото злато за Македонија на Европската олимпијада по физика

Фото: ДФРМ

Јан Стојановски го освои првиот златен медал за Македонија на осмата Европска олимпијада по физика која се одржа во Кутаиси во Грузија од 15 до 19 јули.

По сребрениот медал минатата минатата година, бронзата на Меѓународната олимпијада по физика во Токио и златниот медал на Балканската олимпијада по физика во 2022 година, Стојановски сега е меѓу  најдобрите физичари во Европа, а од утре до 29 јули во Иран ќе се натпреварува на Меѓународната олимпијада во Иран.

Стојановски е ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, а покрај него на олимпијада учествуваа и добија пофалници и Матеј Гелев од истото училиште, како и Емилија Николовска од Математичко-информатичката гимназија во Скопје и Димитриј Анѓеловски од СУГС „Јосип Броз Тито“ во Скопје, а успешен настап имаше и Дамјан Стојанов ученик во ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје.

Фото: ДФРМ

На Европската олимпијада во Грузија учествуваа натпреварувачи од 54 држави, а секоја држава имаше право да учествува со тим од 5 ученици.

Тимот од Македонија го предводеа проф. д-р Ирина Петреска, редовен професор на ПМФ во Скопје и член на ДФРМ и м-р Христијан Кочанковски, асистент на ПМФ во Скопје и претседател на Комисијата за натпревари при ДФРМ, а од Друштвото на физичарите се заблагодарија и на дипл. инж. Гоце Геговски и проф. д-р Трифче Сандев од Институтот за физика при ПМФ во Скопје, кои исто така посветија голем дел од времето за успешна подготовка на тимот.

Најново

Последни колумни