Манифестацијата од лани насловена „Звукот на Скопје“, претходно позната како „Звуците на чаршијата“, која се реализира 17 години во организација на Културно-информативниот центар (КИЦ), ќе се одржи на 15 септември. Најавени се неколку музички изведувачи од земјава и регионов. Главната сцена ќе биде поставена на платото пред Националната опера и балет, а на плоштадот „Ибни Пајко“ настап ќе имаат неколку изведувачи што функционираат под етикетата „Гола планина колектив“.
На главната сцена ќе се претстават „Натали бенд“ од Србија, „Фолтин“ и СИЗ, а на втората сцена ќе настапат КЕМ, „Клот људи“, „Занаду“ и „Стој после“.
„Звукот на Скопје’“ е летен фестивал на отворено, кој има намера да прерасне во ново скопско музичко жариште, простор каде што на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи што сѐ уште ја бараат довербата од градот. Значи и промовирање нови концертни локации, оживувајќи ги во културен контекст. Намерата е самиот фестивал да го претвориме во современ градски летен фестивал на отворено, кој ќе стане препознатлив бренд на Скопје – вели Тони Димитров, директор на КИЦ.
Бендот „Натали“ е формиран во декември 2018 година, а првиот јавен настап следува набрзо потоа. Иако својата музичка кариера ја започнува како кантавторка, нема дилема дека Наталија Рајковиќ ќе собере професионални музичари, кои со години ја поддржуваат и следат. За кратко време откако беше објавена верзијата во живо на песната „Брат“ на јутјуб-платформата на организацијата „Софар“, бендот доби неочекувано количество симпатии од публиката, што ги инспирираше музичките соработници и пријатели да продолжат со работа
Групата Фолтин, како што самата се опишува, е псевдоемигрантското кабаре, основана во 1995 година во Битола. Нејзиниот музички јазик е имагинарна смеса или фонетска имитација на јазици, како што се: шпанскиот, францускиот, португалскиот, романскиот, таканаречениот „спонтан есперанто“ итн., во комбинација со еден звуковен амалгам на жанрови, од традиционална музика преку електроника до рок, и визуелен израз што вклучува елементи на кабаре и на перформанс. Во процесот на истражување и на константни промени што значат употреба на нови форми на изразување, особено во последниве неколку години, Фолтин започна да пее и на македонски јазик, притоа збогатувајќи ја звучната слика со влијанија од рок или од новиот бран, но сè уште одржувајќи ги врските со традиционалната музика и со концептот на кабаре. На самиот почеток, идејата била да се долови медитеранскиот звучен амбиент и духот на музиката од источноевропските цртани филмови, а обично се опишува како духовита, старасна, со жешка танцувачка атмосфера. Зад себе има девет самостојни албум, музика за преку триесетина театарски претстави, музика за десетина филмови, меѓу кои кандидатот за Оскар „Медена Земја“ и интернационално најнаградуваниот филм „Исцелител“. Фолтин имаат континуитетот од скоро 30 години концертно присуство пред домашната и меѓународна публика, а не ретко настапуваат и во помалите средини. На концертот ќе бидат изведувани песните од последниот албум, „Симултан бакнеж“, но се надеваме и постари хитови.
Стој, После! е еден од составите на младиот и талентиран Мартин Џорлев кој го реализира во соработка со Андреј Димовски. Тие веќе го издадоа својот трет албум „Во ноќта градот го врти својот грб на сонцето“, со богат и експериментален звук, кој ќе го претстават токму на публиката на „Звукот на Скопје“!
SIZ по краток хијатус повторно се враќа на сцената со ново долгосвиречко издание. SIZ е македонски алтернативен, авантгараж состав кој веќе 11 -12 години е дел од препознатливиот македонски инди, алтернативен израз. До сега има издадено 4 LP и 1 EP издание, кои може да се најдат на винил, но и на стриминг платформите како бендкамп. Зад себе имаат европска и балканска турнеја, повеќе од 70 концерти, како и концерти со истакнати бендови како Membranes, Gang of Four, Prinzhorn Dance Schooll… Едвај чекаме да го чуеме новиот материјал кој за прв пат ќе се промовира на „Звукот на Скопје“!
Zanadu се четворка за која е карактеристичен свежиот звук, а нивниот сензибилитет страшно потсетува на македонскиот new wave од осумдесетите години на минатиот век, иако овие млади луѓе се родени неколку декади подоцна! Бендот е формиран во 2021 година, а го сочинуваат Иван Богдановски (тапани), Андреј Крстевски (бас), Марко Атанасов (гитара, синт) и Карло Јовановски (вокал, гитара).
Дискографијата на групата се состои од албумот „Соништа“ кој има 9 песни, но, велат дека нивната енергија најдобро се чувствува во живо, што вие ќе имате прилика да го доживеете на сцената во паркот Ибни Пајко.
Dimish е соло проект на Иван Димишков, кој се труди со неговата музика да им помогне на луѓето во нивните тешки денови. Инспирацијата за да твори и пишува на Иван му доаѓа од тоа што го гледа, чувствува и доживува во секојдневниот живот, но и она што им се случува на другите, односно приказната на другите луѓе ја прикажува во неговите песни, низ негови очи. Неговите песни звучат брзо, моќно и мелодично, а најчесто пишува за работи кои му пречат во секојдневието.
КЕМ се бенд кој во својата музика инкорпорира разни жанрови меѓу кои хип-хоп, инди, соул, RnB. Основани се во 2020 година во Скопје. Го издаваат нивниот прв сингл „Не си сам“, проследен со албумот “Columba Noachi” во 2022 година. Нивното најново издание е синглот „ЗАВИСТ“ (2023), а во меѓувреме подготвуваат и нови групни и соло проекти. КЕМ се: Катерина Начева, Емир Јашаров, Марко Марковски и Марко Захариев.