Зошто сѐ уште немаме контрацепција на товар на Фондот?

За жал, и ден-денес ми се случува да ги забележам чудните погледи што купувачите во маркетот ѝ ги упатуваат на млада девојка која на каса купува кондоми или, пак, да слушнам коментари околу нејзиниот морал. Ваквите коментари, обично секојпат „спакувани“ во добронамерност и загриженост не допираат до оние похрабрите, а особено не ако тоа се момчиња кои може уште и да се дофрлат дека се фраери бидејќи „вртат девојки, па затоа им требаат кондоми“. Но посрамежливите може да се поколебаат: сакајќи да ги избегнат погледите и коментарите дадени со намера да посрамотат, ќе се премислат и ќе ја одминат полицата со кондомите, што во пракса значи дека најверојатно ќе имаат ризичен сексуален однос. 

Ова е вака бидејќи и ден-денес постојат табуа околу сексуалните врски и односи и погрешни информации за ефектите на апчињата и за спиралите. Велиме дека сме напреднале како човештво, дека живееме во 21. век, а и натаму немаме едукација ниту точни и проверени информации за овие прашања коишто ќе бидат навремено одговорени, соодветно на возраста и развојната фаза на младите. Оттука, тоа што имаме многу млади кои прерано се впуштаат во сексуални односи и тоа најчесто незаштитени или, пак, тоа што имаме стапки на тинејџерски бремености и абортуси повисоки од оние во Европа не треба да нѐ чуди. Но и тоа како треба да нѐ загрижува!

Колку за илустрација, во 2022 година стапката на тинејџерски бремености во земјава изнесува 14.5 на 1000 девојки на возраст од 15-19 години, a стапката на раѓања – 12.6 на 1000 раѓања од девојки на истата возраст. Односно, 4,1 % од сите раѓања лани се резултат на тинејџерски бремености или, попластично кажано, тоа се над 700 мајки на возраст меѓу 15 и 19 години!  

Што ова значи за здравјето и добросостојбата на овие млади девојки? Предвременото породување, анемијата, високиот крвен притисок и сексуално преносливите инфекции се само некои од ризиците што ги носи тинејџерската бременост. Но покрај овие компликации, таа може да биде и животозагрозувачка! Ова, за жал, најубедливо го илустрира фактот дека во светот тинејџерската бременост е втората најчеста причина за смртност кај девојките на возраст меѓу 15 и 19 години.

Вака родените бебиња може да бидат со мала родилна тежина, но она што исто така може сериозно да влијае на добросостојбата на новата мајка и на бебето се чувството на тага во деновите по породувањето (т.н. “baby blues”) и поспородилната депресија која, според овдешно истражување од 2023 година, ја искусува секоја петта нова мајка.

ALBERTO TUDOR / 500PX//GETTY IMAGES

И, се разбира, социјалните проблеми како што е продолжувањето на образованието. Да, девојките кои се малолетни или млади многу често го напуштаат училиштето затоа што треба да се грижат за новороденчето и за домот, но често и поради срам дека се бремени или дека станале мајки многу млади. Така ја пропуштаат можноста да се стекнат со вештини и квалификации кои би ги направиле конкурентни на пазарот на трудот и да се вработат што, логично, ги изложува на поголем ризик од сиромаштија или економска зависност. Во отсуство на системска поддршка – поддршка која нема да се потпира само на бабите и дедовците – малолетните мајки се носат со предизвикот да се откриваат и развиваат себеси и истовремено да ги осознаваат и да ги задоволуваат потребите на уште едно човечко суштество кое целосно зависи од нив.

„Не е крај на светот“, ќе рече некој. И донекаде можеби и би се согласила – но тоа не го менува фактот дека малолетничките бремености немаат ништо со добросостојбата на малолетните мајки! Ако аларматните бројки со право нѐ загрижуваат, тогаш редно е системски да го решиме проблемот – а тоа значи достапна модерна контрацепција и навремена и континуирана едукација за младите!

Иако политичките партии пред секои нови избори ветуваат, а младите, стручната докторска фела и граѓанските организации упорно бараат, и ден-денес нема ниту еден модерен контрацептив на товар на Фондот! Ниту, пак, бесплатна контрацепција за социјално ранливите групи на граѓани! А, да бидеме искрени, цените на кондомите и на оралната контрацепција нималку не охрабруваат одговорно сексуално однесување, особено не среде економска криза и особено не меѓу младите кои немаат извор на приходи. Уште еден пример дека грижата за здравјето претставува луксуз е спиралата: доколку некоја девојка или жена сака да го користи овој контрацептив, треба да издвои околу 6000 денари од сопствениот буџет! 

Се грижи ли државата за сексуалното и репродуктивното здравје ако за модерните контрацептиви се очекува граѓаните да платат 100 % од цената? Или кога во земјата постојат само два младински центра кои даваат бесплатна контрацепција? Логично ли е воопшто да мислиме дека во услови кога платата не стигнува за храна, ќе одвојуваме за контрацепција? Кога човек е гладен, може ли да мисли како да се заштити од непланирана бременост? Или од сексуално преносливи инфекции?

Сексуалноста е неделив дел од човечката природа, а сексуалните односи потреба. Сѐ додека заштитата на сексуалното и репродуктивното здравје не стане приоритет, а со тоа и навремената сексуална едукација секојдневие, најмалку третина од младите ќе го користат методот на повлекување и ќе мислат дека кондомот го намалува задоволството, дека два кондома штитат подобро од еден или, пак, дека „партнерот ќе ме чува“. Абортусот, за среќа, е легално достапен и безбеден кај нас, но на него не би смеело да гледаме како на контрацептивно средство! Ако сака да го реши проблемот со тинејџерските бремености, државата може да си го исполни ветеното од пред 5-6 години и да ни овозможи на сите да уживаме во безбеден заштитен сексуален однос така што ќе обезбеди модерна контрацепција по мерка на нашиот џеб и достапна со партиципација. Како за почеток.

Авторката е психолог и програмска раководителка во ХЕРА

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни