Според Јулијанскиот календар, вечерва се одбележува православната, или популарно позната како Стара Нова година, која се слави и како Мал Божиќ. Иако најчесто се поврзува со дел од земјите во регионот, овој празник се слави и во бројни други европски земји, каде што живеат православни верници кои го следат Јулијанскиот календар.
Според Грегоријанскиот календар овој празник секоја година се „дочекува“ на 13-14 јануари и на тој датум е 1 јануари според Јулијанскиот календар.
Инаку Јулијанскиот календар е стар црковен календар кој се користи од Македонската православна црква, Српската, Руската, Украинската и Источните цркви вклучувајќи ја и Вселенската патријаршија. За разлика од Грегоријанскиот, овој календар е поназад за 13 дена во периодот од 1900 – 2100 година и таа разлика се зголемува за 1 ден по 2100 година.
Според Јулијанскиот календар, вечарава низ цела Македонија се слави Стара Нова година. Многу граѓани традиционално ја дочекуваат во своите домови со соодветна трпеза на која задолжително има пита со паричка.
Нешто ново мора да се внесе за да напредува куќата
Православната Нова Година се нарекува и Мал Божиќ, а се совпаѓа и со црковните празници Обрезанието на Господ Исус Христос и крштевањето на Свети Василиј Велики, па затоа го нарекуваме и Василица.
Свети Василиј е личност од црквата на чиј ден во Македонија има многу традиционални обичаи што се практикуваат, од карневали до василичарски огнови. Денот меѓу народот е познат како Василица. Празник што се одбележува на разни начини, во зависност од традициите во разни региони во државата.
Црквата ја испраќа старата година и ја дочекува новата година на духовен начин, со молитви и богослужби, но исто така ги благословува сите пристојни прослави, потсетувајќи дека овој значаен празник се слави во бројни црковни домови.
Исто така, се верува дека, покрај богатиот оброк, на овој ден треба да се внесе во куќата нешто ново, купено на тој ден, за да можат куќата и членовите на домаќинството да имаат напредок во текот на целата година.
Иако не е официјална Нова Година, таа се слави во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Република Српска, Црна Гора, и православните делови на Хрватска.
Ја слави и православното население во Русија, Белорусија, Украина, Ерменија, Грузија и Молдавија.
Традицијата на славење на Јулијанската Нова Година постои и во некои германски кантони во Швајцарија, како и во некои делови од Шкотска.
