Зошто смрзнатото овошје и зеленчук често се подобар избор од свежото

Со години слушаме дека свежата храна е супериорна поради нејзината нутритивна вредност, но дали тоа навистина е така?

Сè поголем број готвачи и нутриционисти тврдат дека смрзнатата храна има бројни предности во однос на свежата и од нутритивен, и од практичен аспект. Од „заклучување“ на хранливите материи, преку пониска цена и подолг рок на траење, до фактот дека свежите намирници често се расипуваат само неколку дена по купувањето, пишува Mirror.

Стручњаците често ги истакнуваат бобинките, спанаќот, кељот, карфиолот, брокулата и морските плодови како примери за намирници кај кои смрзнатата верзија може да биде подобар избор. Овие тврдења се поткрепени и со научни истражувања. Во една студија што анализирала пченка, морков, брокула, спанаќ, грашок, боранија, јагоди и боровинки, било утврдено дека „содржината на витамини во смрзнатите намирници била споредлива, а повремено и повисока од онаа кај свежите варијанти“.

Регистрираната диететичарка Мекензи Џоунс вели дека препорачува купување смрзнати производи наместо свежи, бидејќи се подостапни, попрактични и „подеднакво хранливи, а често и похранливи од свежите“.

„Во рок од неколку часа по бербата, совршено зрелото овошје и зеленчук брзо се замрзнуваат за, во суштина, да се ‘заклучи’ нивната нутритивна вредност. За разлика од свежите производи, кои стојат во камиони за дистрибуција, на рафтовите во продавниците или на вашата кујнска работна површина, смрзнатите производи ја задржуваат својата хранлива вредност додека се во замрзнувач“, објаснува таа.

Лекарката Мина Малхотра исто така смета дека смрзнатото често е подобар избор. „Овошјето и зеленчукот што се замрзнуваат обично се берат во врвот на зрелоста и веднаш се замрзнуваат, па ги задржуваат витамините на начин на кој свежите производи понекогаш не можат. Бобинките се одличен пример, тие имаат повеќе преостанат витамин Ц од свежите во продавница и се многу подостапни по цена. Истото важи и за спанаќот, грашокот и карфиолот“, вели таа.

Со неа се согласува и нутриционистката Лиса Пул, која истакнува дека јагодите, боровинките и малините природно почнуваат да го губат витаминот Ц и антиоксидансите кратко по бербата. „Замрзнувањето веднаш по бербата помага во зачувување на овие хранливи материи. Во меѓувреме, свежото бобинесто овошје може нутритивно да се деградира додека стои во ладилниците на супермаркетите или во чинии за овошје дома“, објаснува таа.

Сепак, експертите нагласуваат дека не сите намирници се добар избор за замрзнување. „Домати и краставици ја губат текстурата по замрзнувањето, а смрзнатиот авокадо никогаш не се однесува исто како свежиот, особено ако го сакате за салати или тост. Затоа, купувајте ги свежи кога можете“, советува Сара Озборн.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни