Светската здравствена организација проценува дека повеќе од милијарда луѓе во светот страдаат од некаков вид психичко нарушување – од анксиозност и депресија, до шизофренија и опсесивно-компулзивно нарушување.
Новата студија објавена во Nature Human Behavior покажува дека доколку на еден партнер му е дијагностицирано едно од овие нарушувања, многу е поголема веројатноста и другиот партнер да има психичка болест – честопати иста.
Од депресија до зависности
Истражувањето ги опфатило девет најчести дијагнози: шизофренија, биполарни нарушувања, депресија, анксиозност, ADHD, аутизам, OCD, зависности од дроги и анорексија. Податоците покажале стабилни обрасци – партнери со исто нарушување не се реткост, а во некои случаи (како зависностите) оваа појава дури се зголемувала со текот на времето.
Зошто се избираат едни со други?
Постојат три можни објаснувања:
- Сличностите се привлекуваат – луѓето се поврзуваат со партнери кои ги разбираат подобро.
- Заедничка средина – условите во кои живеат може да доведат до слични проблеми.
- Стигмата – ограничува социјални избори, па лицата со нарушувања почесто остануваат во кругови со слични искуства.
„Помисливме дека анксиозните или депресивните луѓе бараат стабилен партнер. Но, токму спротивното се случува“, вели Роберт Пломин, професор по бихејвиорална генетика на King’s College во Лондон.
Последици за децата
Студијата носи и уште едно важно сознание: децата на родители со иста психичка болест имаат двојно поголема веројатност и самите да развијат нарушување во споредба со деца кај кои само еден родител е погоден. Најсилен ефект е забележан кај шизофренија, депресија, биполарни нарушувања и зависности.
За терапевтите ова е сигнал дека третманот не треба да се насочува само кон поединецот, туку и кон целото семејство – бидејќи партнери и деца често имаат корист од поддршка и психолошка помош.
Иако студијата е огромна и ефектите се стабилни, истражувачите предупредуваат дека од овие резултати не можат да се изведат препораки за избор на партнер. Она што останува отворено прашање е – дали ваквите врски носат повеќе разбирање и поддршка, или, напротив, ризикуваат да ги продлабочат проблемите?
Извор: N1info.rs