Проблемот не е само во сликата на градот, туку и во практичните работи: луѓето сакаат училишта, повеќе простор и близина до семејството, објасуваат експертите за причината за миграцијата.
Во срцето на Европската унија, еден град доживува постојани и тивки демографски промени. Повеќе од 43.000 жители го напуштиле Брисел во текот на 2024 година, одејќи во правец на Фландрија и Валонија, додека нешто повеќе од 25.000 луѓе од тие региони се преселиле во главниот град. Овој негативен миграциски биланс од речиси 18.000 луѓе трета година по ред ги открива подлабоките причини зошто Брисел, иако симбол на европската политика и мултикултурализам, се повеќе станува град кој се напушта, пишува Brussels Times.
Најголем „победник“ на внатрешната миграција беше Источна Фландрија, додека трендот на миграција од Брисел кон остатокот од земјата продолжува забрзано. Според податоците на белгискиот завод за статистика (Statbel), потрагата по мир и тишина (28 отсто), повеќе зеленило (26 отсто), близината до работа (26 отсто) и попристапни цени на становите (18 отсто) се главните причини што ги наведуваат граѓаните за напуштање на главниот град.
Сепак, и покрај овие податоци, вкупниот број на жители во Брисел расте, пред се благодарение на позитивниот природен прираст и меѓународната миграција. За разлика од поголемиот дел од Белгија, која во последните години се соочува со негативен природен прираст (повеќе смртни случаи отколку родени), Брисел веќе трета година бележи повеќе раѓања отколку смртни случаи.
Според социологот Игнасио Глорие од Универзитетот во Брисел, оваа контрадикторност може да се објасни со фактот дека младите семејства често имаат деца во Брисел, но набргу потоа го напуштаат.
„Проблемот не е само во имиџот на градот, туку и во практичните работи: луѓето сакаат училишта, повеќе простор и близина на семејството, што ги води до предградијата или другите региони“, објаснува социологот и додава дека трендовите водат кон поделба на градот на екстремно богати и сиромашни, при што средната класа полека исчезнува, а самиот град останува значаен дел од даночен плаќач.
Во поширок контекст, во текот на 2024 година, Белгија забележа пораст на населението од 0,52 отсто, односно 61.901 нов жител. Сепак, овој раст не би постоел без меѓународната миграција. Во земјата пристигнале 194.212 лица, додека 128.168 ја напуштиле, а најголем број имигранти се однесуваат на вратените Белгијци, како и Романци и Французи.
Исто така, околу 60.000 лица добија белгиско државјанство, меѓу кои најбројни беа Мароканците, Сиријците, Романците, Авганистанците и Турците. По скокот на миграцијата во 2022 година предизвикан од војната во Украина, бројот на мигранти од таа земја сега се намалува – Украинците сочинуваат 4,6 отсто од оние што ја напуштиле Белгија во 2024 година.