Зошто краставиците се пакуваат во пластична фолија?

Доколку некогаш сте се запрашале зошто во супермаркетите дел од краставиците се продаваат завиткани во пластична фолија, додека покрај нив стои гајба со „домашни краставици“ без пакување, одговорот е – науката, а не маркетингот.

На прв поглед, ваквото пакување може да изгледа како непотребно трошење пластика во време кога светот се обидува да го намали отпадот и да ја заштити планетата. Но, според повеќе истражувања, тенкиот слој фолија има практична и еколошки оправдана цел.

Пластиката ја продолжува свежината

Истражување објавено во списанието Frontiers in Sustainable Food Systems (2022) покажало дека пластичната фолија значително го успорува губењето на влагата кај краставиците, со што тие остануваат свежи подолго време.

Бидејќи краставиците содржат над 95% вода, тие многу брзо се сушат, ја губат текстурата и вкусот, а на површината се појавуваат меки, темни дамки.

Во експеримент спроведен во Швајцарија, научниците откриле дека пакувањето во фолија ја намалува количината на расфрлана храна речиси двојно – од 9,4% на 4,6% во малопродажните синџири. Со други зборови, повеќе краставици завршуваат во чинија, а помалку во отпад.

Помалку отпад, поголема корист

Иако пластиката сама по себе претставува еколошки товар, кога се земе предвид целокупниот циклус на производот – од транспортот до потрошувачот – користа често ја надминува штетата.

Според швајцарскиот Институт EMPA, вкупниот јаглероден отпечаток е помал кога краставиците се пакуваат во фолија отколку кога не се заштитени и се расипуваат побрзо.

Со други зборови, малку пластика може да значи многу помалку расфрлана храна – што на крајот е подобро за животната средина.

Зошто не се пакуваат сите краставици?

Фолијата најчесто се користи за т.н. „англиски“ или стакленички краставици, кои имаат потенка кора и побрзо ја губат влагата. Домашните или „полињски“ краставици, со подебела кора и поцврста структура, се поотпорни и не бараат дополнителна заштита.

Во големите трговски ланци, каде што зеленчукот често патува стотици километри до полиците, пластичната фолија засега е најефикасен начин за зачувување на свежината и намалување на отпадот.

Мал слој фолија – голема заштеда

Иако може да изгледа како непотребен луксуз, фолијата на краставиците има важна функција – го продолжува рокот на траење, спречува расипување и го намалува отпадот од храна.

Науката покажува дека понекогаш мала количина пластика значи голема корист за планетата.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни