Зошто Велигден не го прославуваат сите на ист ден сите? Оваа временска разлика не е случајна грешка, туку резултат на вековни одлуки, различни календари и правила што потекнуваат уште од раното христијанство.
Корените на разликата се наоѓаат уште во раното христијанство. Во 325 година, на Првиот вселенски собор во Никеја, било утврдено правило за пресметување на датумот на Велигден. Според таа одлука, празникот треба да се слави во првата недела по првата полна месечина по пролетната рамноденица. Ова правило и денес е основата за пресметување, но проблемот настанал во начинот на кој се одредува календарот.
Западната христијанска традиција, односно Римокатоличката црква и повеќето протестантски заедници, го користи Грегоријански календар. Овој календар бил воведен во 1582 година од папата Григориј XIII со цел да се исправат грешките во постариот систем. Од друга страна, Православната црква за пресметување на Велигден сè уште го користи Јулијански календар или негова модифицирана верзија. Разликата меѓу двата календара денес изнесува 13 дена, што директно влијае врз датумот на празникот.
Но календарот не е единствената причина. Православната традиција има и дополнително правило, Велигден секогаш мора да биде по еврејскиот празник Пасха. Ова правило се темели на библиската хронологија, според која воскресението на Христос се случило по Пасха. Во западната традиција ова правило не се применува строго, што понекогаш резултира со различни датуми.
Затоа се случува во некои години Велигден да биде ист кај сите христијани, но во други да има разлика од една, четири или дури пет недели. На пример, кога полната месечина и календарските пресметки се поклопуваат, празникот се слави заедно. Но кога има отстапувања, датумите се раздвојуваат.
Разликата не е само религиозно прашање, туку има и културно и општествено влијание. Во Европа, на пример, западните земји како Германија, Италија, Франција и Шпанија го следат католичкиот календар и го слават Велигден порано. Во исто време, православните земји како Македонија, Србија, Грција, Бугарија и Русија го одбележуваат празникот според православниот календар, најчесто една недела подоцна.
Интересно е што има и земји каде двете традиции коегзистираат. Во држави со мешано население, како Либан или Украина, граѓаните често слават два Велигден, еден според католичкиот, а друг според православниот календар.
Во последните децении постојат иницијативи за обединување на датумот на Велигден. И Ватикан и претставници на православните цркви повеќепати изразиле подготвеност да се најде заедничко решение. Сепак, до денес не е постигнат договор, главно поради чувствителноста на традициите и историските разлики.
Иако разликата во датумите може да изгледа како поделба, суштината на празникот останува иста. И католиците и православните го слават воскресението на Исус Христос – симбол на надеж, обновување и нов почеток.
На крајот, различните датуми не значат различна вера, туку различни патишта до истата духовна порака. Велигден, без разлика кога се слави, останува момент што ги обединува верниците ширум светот во радост, вера и традиција.