Мајкл Шајло, лекар специјализиран за истражување на заразни болести во UT Southwestern Medical Center, вели дека пациентите со кашлање често пријавуваат дека биле болни дури осум недели пред да дојдат кај него. „Веќе не можеме да откриеме вирус кај овие лица, а сепак тие сè уште кашлаат“, вели тој.
Научниците сè уште не се сигурни зошто здравите луѓе доживуваат ваков вид на тврдоглава кашлица. Но, истражувањето за тоа како инфекциите се мешаат со нервите во дишните патишта откриваат нови индиции.
Што е кашлица?
Кашлањето е важен рефлекс кој ги штити дишните патишта од вода или парчиња погрешно проголтана храна, вели пулмологот и истражувач Лоркан Мекгарви од Универзитетот Квин Белфаст.
Рефлексот се активира од нервите кои допираат до дишните патишта. Овие нерви се ,,украсени” со рецепторни протеини кои реагираат на сè, од ладен воздух до најситни честички. Кога иритант ги активира тие рецептори, нервите испраќаат сигнали до вагусниот нерв до мозокот што ги доживуваме како нагон за кашлање. Оттука, мозокот испраќа команди назад до дишните патишта за да кашла – или не. Ова заобиколување до мозокот е причината зошто постои одреден степен на свесна контрола кај одредени видови кашлица. Научниците знаат за многу различни стимуланси кои можат да предизвикаат кашлица, но тие сè уште не се согласуваат за специфичните биолошки механизми кои предизвикуваат кашлање додека сме болни, а камоли во неделите потоа.
Иако може да изгледа очигледно дека кашлањето има за цел да го исчисти грлото од слуз, исто така е можно вирусите да го активираат рефлексот за да помогнат самите да се шират. Многу инфекции вклучуваат сува кашлица која воопшто не произведува слуз. И ако на крајот кашламе за да ги исчистиме нашите дишни патишта за време на инфекција, тоа сепак не би објаснило што точно чувствуваат нашите нерви за време на инфекција што предизвикува кашлица. „Не знаеме“, вели електрофизиологот Томас Тејлор-Кларк од Универзитетот во Јужна Флорида. „Но, она што можеме да го кажеме е дека знаеме некои работи, една од нив е дека вирусната инфекција предизвикува воспаление“.
Инфекциите ги прават нервите преосетливи
Кога сме болни, тоа воспаление ја зголемува чувствителноста на нервите на дишните патишта, предизвикувајќи нивна претерана реакција, сугерира истражувањето. Една хипотеза е дека тврдоглавата постинфективна кашлица се јавува кога нервите остануваат преосетливи по крајот на болеста. ,,Само длабоко вдишување, разговор на телефон, смеење, излегување на ладен воздух – тоа се работи кои сами по себе не се штетни. Но, барем привремено, тие можат да предизвикаа напади на кашлање дури и кога веќе не сме болни”, велат докторите.
Уште во 1990 година, истражувачите забележале дека инфекцијата со вирус сличен на грип ја зголемила чувствителноста на нервите на дишните патишта кај заморчињата, кои кашлаат како луѓето. Сега, научниците ја поврзуваат оваа хиперсензитивност со специфични воспалителни хемикалии и рецептори на нервите на дишните патишта.
Кога треба да појдете кај вашиот лекар?
Постинфективната кашлица обично поминува за две до три недели. Но, ако вашата кашлица трае повеќе од осум недели, експертите велат дека треба да разговарате со лекар. Но и побргу, ако кашлицата се појави со други симптоми како треска и отежнато дишење.
Лукаш Антониевич, пулмолог кој лекува пациенти на одделението за хронична кашлица на Медицинскиот универзитет во Виена во Австрија, вели дека неколкунеделното кашлање по болест е нормално. Сепак, иако осум недели може да бидат официјалниот прекин за хронична кашлица, во пракса може помине долго време пред да престане кашлицата.