Зошто европската крајна десница му врти грб на Доналд Трамп поради војната со Иран?

Европските десничарски лидери, од Џорџа Мелони до Марин Ле Пен, се дистанцираат од Трамп поради војната со Иран, растот на цените на енергенсите и стравот од политички последици.

Доналд Трампверувал дека може да смета на поддршката од европските популистички лидери, но поради војната со Иран тие сè побрзо му го вртат грбот, пишуваат светските медиуми. Американскиот претседател се оддалечи од традиционалните европски лидери откако сојузниците во НАТО го одбија неговото барање да испратат воени бродови во Ормускиот теснец, по што тој се закани со повлекување на САД од алијансата.

Сега и голем дел од европската крајна десница се дистанцира од претседателот кој некогаш го славеше и чиј слоган „MAGA“ го претвори во „MEGA“ или „Да ја направиме Европа повторно голема“, пишува The Telegraph.

Извори од движењето MEGA велат дека немаат симпатии кон Исламската Република, но се лути поради тоа што Трамп влегува во „вечни војни“. Тие предупредуваат дека неговата „токсична“ надворешна политика може да ги повлече и нив надолу, додека неговата популарност опаѓа, а сојузништвата се распаѓаат.

Десницата во Велика Британија, вклучително и Најџел Фараж од партијата Reform UK, исто така се сврте против Трамп, предупредувајќи дека поддршката за војната носи ризик од политичко самоубиство. Ова отвора прашања за иднината на т.н. „трампизам“ и можен пад на десничарскиот популизам во Европа.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони предизвика изненадување кога нејзината влада одби да им дозволи на американските бомбардери да ја користат базата на Сицилија. Војната против Иран е крајно непопуларна во антимилитаристичка Италија.

Иако Мелони важи за еден од најсилните поддржувачи на Трамп во Европа, таа е ослабена по поразот на референдумот и сега се дистанцира, изразувајќи сомнежи за законитоста на војната.

Пратеничката Дебора Бергамини од Forza Italia изјави дека Италија не е во војна и нема намера да влезе во неа.

Марин Ле Пен има подистанциран однос со Трамп, иако тој ја поддржа откако ѝ беше забрането да се кандидира на изборите во Франција. Сепак, таа ги критикуваше неговите „непредвидливи воени цели“ и рече дека нападите врз Иран се изведени „на слепо“, без анализа на последиците врз цените на горивата.

Во Германија, партијата Алтернатива за Германија (AfD), која претходно имаше блиски односи со Трамп, исто така се дистанцира. Лидерка Алиса Вајдел им порача на своите пратеници да ги намалат посетите во САД, а ко-лидерот Тино Крупала изјави дека е „исклучително разочаран“ од Трамп како „воен претседател“.

Тој дури повика на повлекување на американските трупи од Германија, нагласувајќи дека нападите врз цивилни цели претставуваат воени злосторства.

Во Полска, партијата Право и правда сè уште одржува врски со Трамп, но се појавуваат несогласувања, особено поради тоа што САД не се консултирале со сојузниците пред нападите врз Иран.

Виктор Орбан од Унгарија, кој има најблиски односи со Трамп, исто така останува воздржан. Иако е про-израелски настроен, не може отворено да ја поддржи војната поради чувствителноста на цените на енергијата во земјата.

Орбан е влијателен член на сојузот Патриоти за Европа, во кој членуваат AfD, францускиот RN, италијанската Лига и други партии. Данската народна партија, дел од истиот блок, беше особено гневна поради идејата на Трамп за купување на Гренланд.

Европратеникот Андерс Вистисен изјави дека Трамп ветувал мир, но неговите потези во Иран и други региони го покажуваат спротивното, што ги оттурнува европските десничарски партии.

Шпанската партија Vox и нејзиниот лидер Сантијаго Абаскал првично го поддржаа нападот врз Иран, но подоцна замолкнаа. Сепак, не сите се дистанцираа – Герт Вилдерс, познат како „холандскиот Трамп“, ја поздрави смртта на иранскиот врховен лидер Али Хамнеи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни