Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), со оглед на сериозноста и сензитивноста на случајот, апелираат до сите новинари и медиуми доследно да ги почитуваат етичките принципи од Кодексот на новинарите и другите професионални стандарди, притоа внимавајќи на почитување на личната болка на семејствата на загинатите и повредените лица. Информирањето треба да биде засновано на потврдени информации од официјални извори, а сензационалистичките шпекулации и непроверени вести мора да се избегнат.
Во таа насока, ги повикуваат медиумите да се придржуваат кон следните принципи:
- Да се избегнува сензационализам – драматични наслови, фотографии и видео-материјали што можат да предизвикаат дополнителна вознемиреност во јавноста.
- Да се објавуваат само проверени информации – пренесени од релевантни извори, добро и двојно проверени, без шпекулации и непотврдени наводи.
- При интервјуирање и снимање сведоци или блиски на жртвите – да се покаже емпатија, почит кон нивните чувства и да се внимава при начинот на поставувањето прашања и водење на разговорите
- Известувањето да биде одмерено и непристрасно – со цел да не се создава дополнителна загриженост во јавноста преку пренагласување или сензационално толкување на случувањата.
„Новинарите треба да се водат од принципите на одговорно и хумано новинарство, имајќи предвид дека нивните извештаи директно влијаат на јавното мислење и психолошката состојба на граѓаните. Ги охрабруваме сите граѓани кои ќе забележат прекршувања на Кодексот да ги пријават преку официјалните формулари достапни на веб-страниците на ЗНМ и СЕММ. Со тоа ќе се овозможи детектирање и евидентирање на медиумите што не ги почитуваат професионалните стандарди“ стои во соопштението на ЗНМ.