Брзиот начин на живот нè тера често да посегнеме по она што ќе ни заштеди време – но дали навистина знаеме што јадеме?
Се почесто експертите предупредуваат дека дел од храната што ја купуваме, иако изгледа практично или дури и здраво, може да биде штетна по нашето здравје. Посебно проблематична е така наречената ултра-преработена храна – производи што се преполни со додатоци кои ретко кој би ги користел во домашната кујна: емулгатори, згуснувачи, ароми, бои и конзерванси.
Во оваа група спаѓаат разни готови јадења, како инстант тестенини или замрзнати лазањи, преработени меса како виршли и салами, индустриски колачиња и „овошни“ јогурти со огромни количини шеќер и вештачки ароми. Она што ги прави опасни не е само хемискиот состав, туку и тоа што овие производи често имаат висока калориска вредност, а се сиромашни со хранливи материи. Со редовна консумација, ризикот од дебелина, дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни болести значително се зголемува.
Но дури и кога мислите дека правите добар избор – нештата не се секогаш како што изгледаат. Пакувања со ознаки како „лајт“, „фит“, „без шеќер“ или „без глутен“ често знаат да бидат маркетиншки трик. На пример, житните плочки што се рекламираат како здрава ужина, може да содржат повеќе шеќер од некои чоколадни десерти. Лајт производите се со помалку масти, но затоа имаат додадени адитиви за да го задржат вкусот. Дури и безглутенските производи не се автоматски поздрава опција – тие често се направени со повеќе скроб и додадени шеќери.
Затоа, ако навистина сакате да се храните свесно, најважно е да читате што пишува на декларацијата. Побарајте кратки и јасни листи на состојки. Ако пакувањето е преполно со непознати зборови што тешко се изговараат – можеби е најпаметно да го вратите производот на полица.
На крајот на денот, здравјето започнува токму тука – во супермаркетот, со секој производ што го ставаме во количката.
Извор: Index.hr