Меѓу овие жени е и Дафа Цепенкова, сестрата на познатиот собирач на народни приказни Марко Цепенков. Родена во Прилеп, Дафа го поминала најголемиот дел од својот живот во Крушево, каде станала позната како извонредна пејачка на народни песни. Нејзините песни и фолклорни материјали оставиле длабоки траги во македонското културно наследство.
Дафа Цепенкова била една од највештите интерпретаторки на народни песни во своето време. Од неа, фолклористот Наум Тахов запишал дури 160 песни, кои го вклучуваа и нејзиното лично творештво, не само народните мотиви. Неговата збирка од 220 песни е преполна со нејзината уметност, но, за жал, не сите песни се документирани со име на автор. Тахов подоцна изразил жалење што не успеал да запише повеќе од нејзините богатства, за кои вели дека „со неа беа погребани во земјата.“
Меѓу нејзините најпознати песни е онаа која започнува со стиховите: „Ашик ви сум, вашик ви сум,“ каде што пејачката го користи огледалниот ефект за да ги претстави сопствените емоции и изглед. Дафа ја пеела својата личност преку овие стихови, со кои ја изразувала својата ведрина и убавина.
Историјата на Дафа Цепенкова, како и историите на многу други жени од тој период, претставува важен дел од нашето културно наследство. Таа е само еден пример за тоа како македонското женско творештво било значително подценето, но сепак, оставило трајни корени во фолклорот и уметноста на нашиот народ.
Во последните неколку децении, македонската наука и литература почнаа да се фокусираат на истражување на женското присуство во јавниот живот, литературата, образованието и револуционерното движење, особено во 19 и првата половина на 20 век. Во овие периоди, улогата на жените била потценета или дури и целосно непозната. Истражувањата откриваат дека постојат повеќе авторки, учителки и револуционерки, за кои порано сме знаеле многу малку или речиси ништо.
Еден од најзаслужните научници кој во последните десет години посветено работи на оваа тема е проф. д-р Славчо Ковилоски. Со неговите дела како „Македонското женско творештво во XIX век“ и „Жени во македонската книжевност од XIX век“, тој го истакнува огромниот придонес на жените во македонското културно наследство. Во следниот период, ексклузивно ќе објавуваме делови од творештвата на македонските авторки и интерпретаторки на народни песни од минатите векови (Дафа Цепенкова, Параскева Димкова, Султана Чикмакова и др.), учеството на жените во револуционерното движење (Сирма војвода и други) и раните феминистички активности (Евгенија Јанчулева, Евтимица Јанчева и др.).
Овие сознанија ни се достапни благодарение на трудот на проф. д-р Славчо Ковилоски, научен истражувач во Институтот за македонска литература (одделение за XIX век) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе значајни монографии од областа на историјата, литературата и културологијата. Тој е добитник на највисоката државна награда „Гоце Делчев“, која се доделува за особено значајни остварувања во науката.