Филмот „Војна на световите“ со Ice Cube во главната улога е прогласен за најлош филм во 2025 година на 46-тото доделување на наградите „Златна малина“. Филмот освои пет од шест категории во кои беше номиниран.
Филмот освои пет „награди“
Овој филм беше прогласен за најлош филм на годината, а Ice Cube ја доби наградата за најлош актер.
Покрај тоа, филмот освои награди и за најлош прeквел, римејк, копија или продолжение, најлош режисер за Рич Ли, како и најлошо сценарио потпишано од Кени Голде и Марк Хајман.
Како што пренесува The Hollywood Reporter, организаторите на „Златните малини“ изјавиле дека филмот „речиси веднаш станал култен класик што се гледа од омраза“.
„‘Војна на световите’ од 2025 година влезе во историјата на Razzie наградите како филм што ги ‘почисти’ речиси сите категории и ја освои нашата статуетка вредна 4,97 долари“, се наведува во соопштението.
Организаторите додадоа дека режисерот Рич Ли целосно го „уништи“ класичниот роман на Х. Г. Велс со лоши дијалози и комична актерска изведба.
И „Снежана“ меѓу „победниците“
Меѓу добитниците на „Златните малини“ се најде и Дизниевата „Снежана“, која освои две награди – за „сите седум CGI џуџиња“.
Организаторите иронично коментираа дека филмот чинел огромна сума пари, а донел уште поголеми загуби.
Награда доби и актерката Rebel Wilson за својата „неуверлива изведба на акциска хероина вооружена со пегли за коса“ во филмот Bride Hard.
Scarlet Rose Stallone исто така беше наградена за својата улога во необичниот вестерн Gunslingers.
Награда за „искупување“ за Кејт Хадсон
Актерката Кејт Хадсон ја доби наградата Razzie Redeemer, која се доделува на актери кои во минатото биле номинирани или наградени со „Златна малина“, но подоцна успеале да ја подобрат својата кариера.
Таа ја доби наградата за својата изведба во филмот Song Sung Blue.
Хадсон годинава е номинирана и за Оскар за истата улога, а во минатото беше критикувана за улогите во филмовите Music, Mother’s Day и My Best Friend’s Girl.
За добитниците на „Златните малини“ гласаат 1.223 членови од сите 50 американски држави и повеќе од 20 земји.