Семејното насилство и фемицидот и оваа година остануваат меѓу најсериозните предизвици во заштитата на човековите права во Македонија, покажуваат податоците од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Народниот правобранител Фатон Селами предупредува дека е неопходна побрза и поефикасна реакција од институциите, особено од полицијата, центрите за социјална работа и Јавното обвинителство.
„Жртвата, откако ќе го пријави случајот, треба да биде заштитена од државата – и таа и нејзините деца. Доколку нема каде да се засолни, таа е принудена да се врати во средина каде што повторно е изложена на ризик“, изјави Селами.
Тој посочува дека во такви ситуации државата има обврска да обезбеди сигурност и конкретна заштита, а не само формално постапување по пријавите.
Во рамки на презентацијата, Селами сподели и пример кој ја илустрира бавноста на институциите. Станува збор за воен инвалид од селото Стајковце, кој по поплавите во 2008 година останал без дом. И покрај тоа што му била доделена привремена барака, неговото станбено прашање и по повеќе од 15 години останува нерешено.
„Граѓанин со 100% воен инвалидитет, корисник на постојана нега и помош, со семејство и малолетни деца, повеќе од 15 години чека одговор за трајно сместување, иако неговата состојба го налага тоа“, посочи Селами.
Според годишниот извештај за 2025 година, најголем број претставки до Народниот правобранител се однесуваат на правосудството – 307 случаи или 12,79%. Следуваат заштитата на потрошувачите со 264 поднесоци (11%), работните односи со 209 и правата на децата со 198 поднесоци.
Извештајот веќе е доставен до Собранието, со очекување дека институциите ќе преземат конкретни мерки за подобрување на заштитата на граѓаните и спроведување на препораките.
Во услови кога семејното насилство сè почесто завршува со трагични последици, пораката од Народниот правобранител е јасна – системот мора да реагира побрзо, поодлучно и со вистинска заштита за жртвите.