Иако науката и медицината не совладале нешто како криогенско замрзнување, развојот на настаните од 19 век довел до тоа луѓето да живеат подолго отколку во претходните епохи.
Сепак, очекуваниот животен век се чини дека престанал да се зголемува, барем во Европа, од 2011 година. „Веќе не живееме подолго“, велат десетици истражувачи од Универзитетот во Источна Англија, Универзитетот во Вашингтон, Универзитетот во Ексетер, Институтот за здравствена метрика и евалуација (IHME) и британското Министерство за здравство и социјална заштита.
„Во голема мера виновни се храната што ја јадеме, физичката неактивност и дебелината, како и пандемијата на Ковид“, велат експертите по проучувањето на здравствените податоци од Европејците.
„Стапката на подобрување беше помала во периодот 2011-2019 година, отколку во периодот 1990-2011 година, во сите земји освен Норвешка“, се вели во студијата објавена во медицинското списание The Lancet Public Health.
„Напредокот во јавното здравство и медицината во 20 век доведе до тоа очекуваниот животен век во Европа да се подобрува од година во година. Но, тоа веќе не се случува“, изјави Ник Стил од УЕА.
Во децениите помеѓу 1990 и 2011 година, очекуваниот животен век значително се подобри поради подобрувањата во третманот на кардиоваскуларни болести и рак, вели тој.
По тој врв во 2011 година, се зголемија големите ризици како што се дебелината, високиот крвен притисок и високиот холестерол, најмногу поради дебелината и лошата исхрана.
Наодите следат по објавувањето на истражувањето на Институтот Макс Планк и Универзитетот во Единбург во септември минатата година, кое сугерираше дека милениумите на генетски мутации ги прават луѓето помалку способни во споредба со нашите предци.
Се чини дека релативно удобниот начин на живот и напредокот во медицинската нега имаат контраинтуитивен ефект што ги прави луѓето денес поранливи на такви мутации отколку во минатото, веруваат научниците.