Трн: Која улога најмногу те промени, улогата како мајка, сопруга или улогите во театарот?
Сања: Дефинитивно, улогата на мајка. Заради него почнав повеќе да се сакам себе си, да се штедам, да не трошам време и енергија на сѐ и сите, да бидам селективна во изборот кого, што и колку ќе сакам. Претходно, никогаш не си бев важна јас и моите чувства и потреби, сакав само другите да се среќни, сега и тoa како ми се важни, и тoa како се сакам, зашто сакам што подолго во животот Марко да ме има, а за да го остварам тоа, морам јас да сум добро, мора мене да ми е убаво и добро. Од друга страна, заедно со син ми се родија сите стравови што претходно не сум ги имала. Сепак, не мислам дека да сум мајка ми е улога, зашто улогата започнува и завршува, тоа е живот, перманентен, засекогаш. Еден убав, ненаспан, тежок и стресен живот, во кој едно “те сакам”, гушка и бакнеж те растресуваат и ти ги регенерираат сите клетки, одново и одново за да имаш сила да продолжиш.
Трн: Кога беше најтажна?
Сања: Кога добив повик дека го изгубив татко ми засекогаш. Тоа беше неодамна, уште е свежо и уште боли тагата, неподнослива е. Оттогаш ми ги снема боите во животот, живеам во минатото кога бевме сите заедно и среќни и тагувам за пропуштена прилика да кажеш збогум и те сакам на човекот кој направил сѐ за мене. Не можеш да спречиш луѓето да си заминат, но никогаш нема да престанам да тагувам за тие 10 секунди што не ги добив, а во кои за последен пат сакав да му кажам што имам и што ми значи.
Трн: Одлично се влопуваш во емисиите и работилниците со деца но и на сцената за возрасна публика. Има ли нешто што си сакала да работиш а не си имала можност ?
Сања: Генерално, ако постои нешто што сакам да го работам, земам и го работам. Создавам услови, се вложувам и не се откажувам. Освен во театар, таму има работи, односно, улоги што би сакала да го изиграм, но за тоа треба прилика, тоа е нешто што не зависи од мојата желба, туку од многу фактори.
Трн: АртБригада е вистинско освежување и нуди можност за различен тип работилници и забава за симболична сума, како и зошто го започна овој проект ?
Сања: Откако го отворивме Бруталиск, како мал приватен културен центар, решивме дека тоа ќе биде платформа за уметничко изразување и едукација на сите генерации. Иако долги години сум поврзана со проекти за неформално образование на деца, не можев да го терам тоа сама, па со мојата драга другарка и колешка Ивана Павлаковиќ решивме да создадеме нешто заедничко што ќе биде корисно, едукативно и забавно за децата. Така се создаде Арт Бригада, преку која создаваме нови генерации на деца кои ќе размислуваат независно, ќе бидат сигурни во себе и ќе негуваат уметнички и човечки вредности.
Трн: Скопје или Штип?
Сања: Штип, иако веќе поголем дел од животот сум во Скопје. Искрено, не можам да направам географска класификација каде припаѓам, а и не знам што значи да си Штипјанка или Скопјанка, која е разликата, но, јас секогаш кажувам дека сум горда Штипјанка, таму е моето детство, моите најдраги спомени, таму имам љубов, таму се оформив, таму почнав и секогаш му се враќам со особена радост.
Трн: Кој е најсреќниот момент од твојата кариера?
Сања: Можеби, тоа е мојата прва претстава во Штипскиот театар. Ја играв Ленче во Бегалка на Пројковски, претставата постигнуваше огромен успех каде и да се појавевме, а јас во неа се чувствував семоќно, дека можам да поместам планини. Тоа беше приликата која ја искористив и заради таа претстава почнав да растам и да се развивам како актерка. За жал, искуството придонесе поинаку да гледам и на професијата и на политиките во театарот, ама никогаш нема да престанам да се сеќавам на таа верба, сила и надеж што ја имав која секогаш знае да се појави тогаш кога ќе изгубам верба во театарот да ми го изгради одново сонот каков сакам тој да биде.
Трн: Патриција сака канцеларија со големо биро, стан во Њујорк…, за што сонува Сања?
Сања: Да, Патриција е новиот лик што го играм во претставата Фирма во Драмскиот театар, режирана од Нела Витошевиќ. Многу сме различни, таа е болно амбициозна за врвен успех во криерата, дозволува да и се лизне љубовта на нејзиниот живот од раце заради суета и горделивот, сомелена е од капиталистичката машина, додека јас од дете негувана социјалистка сум поскромна во соновите. Јас би да ја работам својата работа најдобро што можам, без да штетам никому, напротив, да помагам колку и каде можам. Јас би да живеам и во некоја импровизирана куќарка на село, со човекот кој го сакам, грижејќи се еден за друг и неплашејќи се да си кажеме колку се сакаме, секој ден, секој миг. И да, сонувам син ми да е добар човек, да го научам на љубов, зашто само тоа му треба, ако има љубов во себе, за сѐ останато ќе се снајде сам.
Трн: Која е најважната лекција што ја научи од животот?
Сања: Мене ќе ме уништат научените лекции кои никогаш не ги практикувам.
Трн: Како се опушташ?
Сања: Не знам што е тоа опуштање. Мислам дека мене вусшност, работа ме опушта, било каква. Цело време нешто да правам. Јас сум од оние кои не можат да седат мирно додека не завшрат сѐ што треба, а откако ќе завршат, одма бараат некаква нова активност да ѝ се посветат. Просто се плашам да се опуштам, во вистинката смисла на опуштање, мислам дека тоа ќе ме разболи.
Трн: Кога последен пат водеше љубов ?
Сања: Последниот пат кога изговорив “те сакам и сакам да водиме љубов”.
Трн: Кое е твоето најголемо разочарување?
Сања: Не знам. Јас сум човек кој ретко има очекувања, кој тешко се импресионира и верува, што не значи дела сум песимист и скептик, туку едноставно претпазлива. Секогаш сум спремна некој и нешто да ме разочара, така што, никогаш не се изненадувам. Литературата каква и да е, книжевна или стручна, наративно ни прикажала сѐ што може да му се случи на човекот, општеството, светот и навистина мислам дека човек кој сѐ уште може да се разочара од нешто е некој кој нема прочитано доволно.
Трн: Од што најмногу се плашиш?
Сања: Да не му се случи нешто на син ми, да не и се случи нешто на мајка ми, на тие што ми се тука и што премногу ми значат. И да, се плашам од живот без љубов, од свет без љубов.
Трн: Откриј ни една тајна?
Сања: Не можам, ѝ студи, кревка е. Ќе се разболи.