Живот после сеча: Втора шанса за оштетените шумски екосистеми

Шумите се клучни во екосистемите на планетата Земја, не само како домови за растенија и животни, туку и како регулатори на атмосферските гасови, вклучувајќи го и јаглерод диоксидот (CO2). Шумите, особено тропските шуми како што се Амазон и басенот на Конго, се од витално значење за апсорпцијата на CO2, благодарение на нивната обемна биомаса и брзиот циклус на раст. Нивното влијание во прочистувањето на воздухот е нешто посилно од другите видови шуми, како оние во студените предели.

Сепак, познато е дека шумите ширум светот се соочуваат со зголемени предизвици, на пример во виталните области како што се Амазон и Југоисточна Азија, како и во сливот на реката Конго. Уништувањето на Амазон е особено алармантно, бидејќи секоја година на ова подрачје исчезнуваат илјадници квадратни километри шума, иако тие произведуваат околу 20 отсто од кислородот на планетата, а притоа апсорбираат огромни количества CO2.

Во Југоисточна Азија, шумите на островите како Суматра и Борнео брзо се претвораат во плантажи со палмово масло. Оваа форма на деградација не само што ја намалува способноста на шумите да апсорбираат CO2, туку доведува и до значително губење на биолошката разновидност.

Истражувањето спроведено од научниците од Империал колеџ во Лондон во соработка со меѓународни партнери обезбеди нови сознанија за тоа како шумите можат да издржат одредени нивоа на сеча пред да ги загубат своите клучни еколошки функции. Студијата, спроведена како дел од проектот за стабилност на променетите шумски екосистеми (SAFE) во Малезија, покажа дека шумите што задржуваат повеќе од 71 отсто од нивната оригинална биомаса сè уште можат да поддржат висока биолошка разновидност и да се опорават ако не бидат дополнително нарушени. Меѓутоа, кога ќе се отстрани повеќе од 68 проценти од биомасата, се јавуваат сериозни еколошки дисбаланси.

Ова истражување донекаде ја прави застарена традиционалната перспектива за зачувување, бидејќи ги фаворизира само непроменетите шуми, додека новото истражување сугерира дека сечените шуми, исто така, можат да функционираат како одржливи екосистеми доколку правилно се управуваат. Дополнително, истражувањето нуди нова рамка за зачувување која може да помогне поефикасно да се обноват и управуваат деградираните шуми.

Тимот, исто така, развива модел на „виртуелен екосистем“ кој ќе ја симулира динамиката на дождовната шума во Борнео, што ќе овозможи предвидување на исходот од различни стратегии за зачувување.

Фото: pexels
Извор: energetskiportal

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни