Живко Грозданоски: Од моите кандидатури за претседател на ДПМ може да се направи холивудски филм

„Првата кандидатура ја загубив чесно, втората беше вистинска авантура, а третата заврши како што заврши. Цела приказна има тука. И смешна и напорна. И со наравоученија“ изјавува Живко Грозданоски, сумирајќи го својот пат до претседателското место во Друштвото на писатели на Македонија.

Додава дека во 2022 година се кандидирал од чист пркос, бидејќи не сакал ДПМ да остане без избор, додека во 2023 година приказната добила сосема поинаков тек. Игор Станојоски, познат по најзаплетканите приказни, би можел да сплете сценарио достојно за Холивуд, вели Живко од оваа серија на настани.

Во интервјуто, Живко објаснува кои се критериумите за да се стане член на ДПМ, што се променило откога е претседател, и кога друштвото доживеало најголема ерозија, а кога најголем процет. Неговите одговори се искрени, проникливи и отвораат важни прашања за иднината на оваа институција.

Трн: Шест и пол месеци како претседател, што реформираше досега, а уште што ти е во план?

Живко: На почеток, „реформиран“ е Статутот, значи „темелот“ на Друштвото. Во јануари се веруваше дека ДПМ има „два статута“, значи гнил темел. Но, за да се одижи Собрание (1 јуни), мораше да се седне и да се сработи нов Статут. Значи, темелот беше првото. Потоа, беа реформирани нормативни акти: правилници, деловници… „инфраструктурата“ по која возат телата во ДПМ: Управниот одбор, Судот на честа, жири-комисиите што ги доделуваат наградите. Паралелно, се обнови главната сала на ДПМ: проектор, платно, звучник. Потоа, претседателскава канцеларија во која седиме – таа беше запуштена последниве шест години. Сега е баш фино тука, нели? А што уште ми е во план… има многу нешта на коишто може да се работи во ДПМ.

Инаку, морам да забележам дека не ми се допаѓа ова „што реформираше“, ова второ лице еднина со кое го отпочнуваме муабетов. Како сам да сум реформирал нешто! Дури и да е така (а не е), сè ова е плод на одлуки на еден Управен одбор составен од седум лица. Пена ми фати устата од зборување за истото, но пак ќе кажам: би сакал да се ослободуваме од тоа да имаме „култ на личност“. Наместо тоа, предлагам да инсистираме да одлучува група. Кога одлучува само еден човек секогаш има проблеми. Кога одлучува група, да – потешко е, ама и поздраво. Затоа ДПМ е моќно: седум души одлучуваат тука.

Трн: Што те крепи тебе?

Живко: Ме крепи пишувањето автофикција (се гледам себеси од дистанца, во трето лице) и едно разбирање на нештата што го нарекувам „по природниот тек на нештата“. Според ова сфаќање, секој од нас е капка светлина во еден голем тек. Е сега, нештата се многу посложени, секој од нас има и свои темни страни. Па треба да се има разбирање и милост. И љубов и радост. За другите и за себе. Тоа ме крепи.

Трн: Трета среќа за тебе и што беше пресудно овој пат за да те изберат? Зoшто се повлече вториот пат?

Живко: Овде одговорот е малку долг, цела приказна има тука. И смешна и напорна. И со наравоученија. Да седне Игор Станојоски од ова може да сплете откачено сценарио, Холивуд. Значи, првиот пат кога се кандидирав, чесно изгубив. Ама, битно е да се знае дека не ми беше битно да бидам претседател: битно ми беше ДПМ да функционира, а се кандидирав затоа што не успеав да најдам некој друг: барав, прашував, никој не сакаше да се кандидира за претседател. На крај, од чист пркос, реков „е па не може само Х. П. да е кандидат“, и се кандидирав. Изгубив со само осум гласа разлика! Тоа на сите ни ги отвори очите: еј, па ние сакаме да имаме друштво! Тоа беше во 2022. Второто кандидирање беше во ноември 2023, на вонредното изборно собрание. Е, таму е приказната. Таму, бевме во група, со пријатели, и пак баравме некој што ќе биде претседател. Јас кажав дека не ме интересира да бидам претседател, ама, по она што случуваше во изминатите години, би можел да бидам претседател на Собрание, на втората позиција. Тоа се очекува, во најмала рака. Иако таа позиција е „столче од слама“ – таа не постои во Статутот. Но, муабетот беше заедно да одлучуваме кој ќе биде. Но, комуникацијата во групата како да одеше тешко, имаше чудни недоразбирања, недостиг на комуникација (пет-шест дена бев блокиран на телефон). Во еден миг, ми збоктиса од тоа и – се кандидирав за претседател на Собрание, а со отворено писмо повикав еден од пријателите да се кандидира за претседател, и со тоа да се реши прашањето „ДПМ“. Но, отвореното писмо беше отворено само 15 минути: пријателите од мене побараа да го тргнам од мојот блог. Секако, се согласив. Но, мојата кандидатура остана. Во меѓувреме се дојде, некако пренабрзина, до согласност околу тоа кој да биде предложен за претседател за ДПМ. Од Дурацовски имавме поддршка тоа да бидам јас („Живко, ти и да не сакаш тие треба да те убедуваат да прифатиш“), но се одлучи тоа да биде еден повозрасен наш колега. Јас немав ништо против – најбитно ми беше ДПМ да функционира… Но, остана отворено прашањето за претседател на Собрание. Јас бев веќе кандидат, но сега и пријателот изјави подготвеност за таа позиција. Тука пријателите ме убедуваа јас да се повлечам, и да одат избраниот претседател и пријателот. Но, јас веќе се имав пријавено за претседател на Собрание, и ќе изгледаше многу неубаво во јавноста, по сè што се случуваше, и по сè што беше направено, туку-така да се повлечам и да бидам само член на Претседателството (така се викаше Управниот одбор). Како и да е, рокот за поднесување кандидатури истекуваше, и во еден миг до нас дојде гласина дека „тој и тој“ се кандидирал за претседател на ДПМ (не можевме да се знаеме дали е тоа точно, затоа што кандидатурите одеа кај претседателката на Собранието).Тогаш јас се почувствував глупаво: „од спротивниот табор“ се екипираат, а ние тука се расправаме за „сламеното столче“. Тогаш сфатив дека поголеми шанси имаме ако и јас сум противкандидат на „тој и тој“, а втората позиција му ја препуштив на пријателот. Така се кандидирав по вторпат за претседател, поради гласина, поради недоразбирање. Кога беа објавени сите кандидатури, видов дека всушност нема „спротивен табор“: дека нема „екипирање“, и дека „тој и тој“ не се ни кандидирал за претседател. Тука ми олесна: океј, решено е, „ДПМ е извлечено на брег“, си реков, а напишав и јавно, се сеќавам. Но, сега се најдов во смешна ситуација: јас против другиот кандидат за претседател, кој беше избран од нашиот „табор“. Воедно, јас „против“ пријателот, кој се изјасни како близок со повозрасниот кандидат за претседател. Во ред, реков, ќе го одиграме ова до крај, иако „ДПМ е извлечено на брег“. Е тука нештата стануваат смешни: пријателите се собраа и се сликаа со пријателот и со другиот кандидат за претседател, како нивна кампања, како поддршка за нив. Овој нивен гест наиде на негативна критика: „Чекајте, Жил е кандидат за претседател, а вие поддржувате други?“, пиша (отприлика со тие зборови) еден познат новинар. Се согласи една позната писателка. Па се согласи и друга, па трета ценета личност… Дурацовки напиша еден долг текст, чија поента горе-долу беше: „Што правите бре вие младите?“ Па се согласија и младите… Крш. Но, тука и јас направив една глупава грешка: наместо да ја прифатам целата работа и да се зафркавам – со хуморот можеби ќе можев да победам – сега и јас напишав еден долг, мачен текст полн со заблуди, во кои укажувам како одредени „стари“, одредени „древни структури“ ги инструирале младите, само за да задржат моќ во ДПМ… Тоа во психологија се вика „отфрлање“, denial, кога не сакаш да прифатиш нешто. Како да прифатиш дека пријателите застанале против тебе, зошто? Отпосле, додуша, сè ми стана јасно: мала средина сме, сите се познаваме. И тоа е во суштина смешно, но да не се расплинувам. Како и да е, јас го напишав тој долг и глупав текст, во кој стоеше дека пријателот е сплеткан со древни структури што сакаат да се одржат на моќ… Но, сега тој, наместо да се зафркава со целата работа – оти тој мој глупав текст значеше крај за мојата кандидатура – непотребно ме обвини за правење „конструкции“… Мислам, мене човек може да ме обвини за наивност, за неумереност… ама за „конструкции“? И тоа по сè што ми беше приредено? Мислам дека тоа обвинување беше голема грешка, ги деморализира луѓето. Па тука јас објавив една моја песна, во која зборувам за милост, за прошка… Мислам дека тие денови со пријателите начисто ја дотепавме јавноста. Само некои ликови живнаа од злорадост. Како и да е, јас се утешив со она дека „ДПМ е извлечено на брег“, па објавив уште неколку свои „визии за ДПМ“, кои секако дека не наидоа на никаков одглас. Значи, затоа ја повлеков кандидатурата: затоа што немаше потреба од неа, ДПМ беше „извлечено на брег“.

Трн: Друштвото на писатели на Македонија кога доживеало најголем процут, а кога најголема ерозија?

Живко: Мислам дека периодот на најголема ерозија започна лани во ноември, по неуспешното Собрание. И тука има филмски миг во приказната: откако „паднав во немилост на судбината“ и се повлеков, на почетокот на ноември лани, на крајот на месецот сепак појдов на изборното Собрание, ги поддржав пријателите во обидот да се одржи успешно Собрание, и тие да бидат новото раководство. Тука еден од пријателите ми го покажа списокот со автори што биле договорени да бидат членови на Управниот одбор (тогаш сè уште Претседателство). Кога го видов списокот, сите нешта добија смисла. Пријателите беа убедени дека ќе заврши тоа добро, дека ќе се избере раководство. Но, се заборави на тоа дека членството беше во голема мера деморазлизирано, и што се случи? Немаше кворум. Пропадна Собранието, беше презакажано за 27 јануари. Тука филмот продолжува: тој ден се направи една катастрофална грешка, и следните денови пријателот што ме обвини за „конструкции“ беше изложен на страшен притисок. Но, јас застанав во негова одбрана, повикав на разбирање, се сеќавам го цитирав Грамши… Некако се стиши работата. Секако, на 27 јануари бевме едвај дваесетина души на презакажаното Собрание. Пријателите не беа, но за мене битно беше да се биде таму, за да се чуе поранешниот претседател, Х. П., како изјавува дека во мај-јуни 2024 ќе има изборно Собрание, согласно Статутот, кој предвидува владеење од две години, а не од четири. Драгиот Х. П.! И нему му се беше збоктисало веќе од сè, иако на почетокот си планирал мандат од четири години… Иако – и ова е филмски момент – можеби тој уште тогаш знаел, но го игнорирал важечкиот Статут, кој предвидува мандат од две години. Сега е тука за што и да ми потреба. Како и да е, околу Нова година беше откриен вториот статут, и мислам дека тоа беше периодот на најголема ерозија на Друштвото. Оти, каде без Статут, без темел? За да се надмине кризата, некои сметаа дека треба да се побара правна поддршка од некој што би знаел да ја отплетка оваа ситуација. Повеќето беа крајно резигнирани. Тоа беше дното. Јас сепак останав убеден, некако донкихотовски, „црноовчешки“, дека нешто може да се стори. Секако, јавно бев сам во ова. Но, не сосема, оти тука има нов филмски момент: имав поддршка од истиот пријател, кој по неуспешното Собрание на 25 ноември беше паднал „во немилост на судбината“. И тоа тој најверојатно беше единствената поддршка… Како и да е, се консултираа повеќе правници, се успеа да се собере поранешното Претседателство, се одржа успешно Собрание, станав претседател. Потоа се направија некои реформи, се доделија испуштените награди на ДПМ за 2023, се потпишаа некои договори со издавачки куќи и со театри и, од она што јас лично го знам од ДПМ – ова ќе да е моментот на најголем процут на Друштвото. Еден филмски момент за крај: пријателот со кој во прво време имавме конфликти, а потоа се поддржувавме, ми укажа на можноста да го поддржам и во неговата кандидатура за државна награда. Кулминација на филмското во целата оваа приказна: по искажаната поддршка, наградата треба да му биде врачена – денес. Да, 21.12.2024. Коинциденција? Не.

Трн: Од кој се инспирираш, од чиво претседателствување најмногу?

Живко: Од живите, најмногу се инспирирам од Милован Стефановски. Пред две недели нему му беше врачена државната награда „Климент Охридски“. Тој е прекрасен писател и човек со челичен интегритет. И со здрава смисла за хумор, тоа е многу важно. Од починатите… можеби од Славко Јаневски. Знам дека тој се јавувал на поранешни претседатели, се грижел, прашувал како одат работите. Давал поддршка.

Трн: Околу годишните награди на ДПМ? Колку досега се стасани и кои се критериумите за избор? Што е рaзлично во однос на претходните години?

Живко: Досега се пријавени триесет и седум книги. Кај оние членови на жири-комисија што се квалитетни писатели критериум е обично квалитетот на делото. Кај оние членови на жири-комисија што се скромни писатели, критериум е личниот однос со авторот на делото. Во однос на претходните години, различно е тоа што жири-комисиите се бираат и се држат во тајност: ни членовите на УО не знаат кои се членови на жири-комисии (секако, членовите на жири-комисиите би можеле да им се откријат на авторите, но тоа би било крајно нечесно).

Трн: Што е потребно еден автор да стане член на ДПМ, кои се критериумите?

Живко: Потребно е да има објавено најмалку две книги што ќе имаат забележано видлив успех: обично да има добиено (или да биде во финале за) награда како „Роман на годината“ или „Браќа Миладиновци“. И тука критериум е квалитетот на она што го пишува авторот. Иако, да бидеме искрени, како да не можеме да се изземеме од важноста на личното познавање со авторот… Тоа е просто така.

Трн: Дали Друштвото има планови за зголемување на меѓународната соработка и видливоста на македонската литература во светот?

Живко:  Имаме и планови, имаме и конкретни можности. Но, сето тоа ќе треба да се сработи. Управниот одбор ќе треба да покаже слога и штедрост.

На пример, имаме прелиминарен договор со еден македонски културен центар во регионот победниците на овогодинешното издание на годишните награди на ДПМ да бидат претставени во таа земја во регионот.

Трн: Како планираш да им овозможите на членовите поголема поддршка за издавање книги, промоции или настапи на литературни настани?

Живко: Со помош на еден Правилник за предлог-настан. Мислам дека го објавив и на Фејсбук лани, пред да ја повлечам кандидатурата. Веќе го усвоивме на Управен одбор, ама треба да се усоврши. Некои ми забележуваат дека многу сум љубел правилници и обрасци, ама мора да се воведе некако ред. Без јасни правилници што им даваат еднакви права на сите членови сè би се свело на импровизација, на двојни или тројни аршини, на калкулантство, на врски помеѓу пријатели и автори што имаат некакво влијание некаде, на исклучување „непријатели“… на терање инает и на огорченост. На неубаво.

            Трн: Дали ќе има промени во структурата на финансирање на проектите во рамките на ДПМ?

Живко: Убаво би било да има. ДПМ главно ги финансира проектите од Министерството за култура и туризам, но добро би било да се аплицира и на европски фондови, на пример. Институција со габарит на ДПМ би била поддржана, убеден сум, од европски фондови.

Трн: Што најмногу сакаш да промениш во функционирањето на Друштвото?

Живко: Друштвото функционира добро, и постојано се работи на подобрување. На пример, прво се усвои одлука да има надоместок за членовите на Управниот одбор од седница, потоа тој надоместок се намали, па се усвои можност да се одржи седница без надоместок за членовите на УО, да се штеди. Последната седница беше таква. Она на што најмногу би сакал да влијаам е подготвеноста на членовите лично да се вложат во работата на Друштвото, да преземаат иницијатива, да даваат идеи. Тоа го има кај некои од помладите, и мило ми е.

Трн: Како членовите реагираа на досегашните промени, и дали очекуваш дополнителни предизвици при нивната реализација?

Живко: Членовите, особено оние повозрасните, реагираат многу позитивно на сè што се случува. Тие ми даваат огромна поддршка. Ги сведочам средбите помеѓу нив во ДПМ: некои од нив се немаат видено со години, и сега се сеќаваат, се радуваат. Некои ми раскажуваат што правел Блаже, како правел Гане. Пред некој ден дојде Васил Мукаетов, кого за првпат го сретнав во живо. „Убаво е да се старее во ДПМ“, ми рече, и не можам да ја искажам милоста и благодарноста што ги сетив во себе. Тоа е тој бесценет меѓугенерациски континуитет.

Трн: Што мислиш, како може литературата да биде алатка за поголема културна свест и промени во општеството?

Живко: Мислам дека литературата, со самото тоа што работи со приказни и влијае директно на размислувањето на човекот, има многу поголем потенцијал од музиката и од сликарството, на пример, како „алатка“ за развивање на свеста и за создавање промени во општеството. Но, добрата книжевност не сака да биде „алатка“: таа само сака да сведочи за отсечки живот, кои ненаметливо можат да доведат до некакво *премислување* кај читателот, што значи до некакво созревање. Премислувањето значи созревање.

Трн: Каде го гледаш Друштвото на писателите на Македонија за пет или десет години?

Живко: Би сакал да го гледам и тука, и како патува во други земји низ светот. Би сакал да го гледам насекаде по малку.

Трн: Како би сакал твоето време како претседател да биде запаметено?

Живко: Имам впечаток дека суштинската поента на моето претседателствување е да се прослави „природниот тек на нештата“ како modus operandi, или „она што ме крепи“, како што рековме погоре, на почетокот од ова интервју. Некои други на ова Ваше прашање можеби би зборувале за целосна консолидација на ДПМ, па за вмрежување со други писателски и културни асоцијации, за остварување големи, светски преведувачки и издавачки проекти… И сето тоа е во ред, сето тоа треба да се случува. За мене, ДПМ е инспиративна приказна, но би сакал моето време да биде запаметено како време на еден човек што преку личниот пример ги поттикнувал другите, особено оние помладите, да преземаат одговорност, да се охрабруваат и да имаат верба во својата заедница, да ја одржуваат надежта во својата земја и во заедништвото. Затоа што тоа тоа, заедништвото, не е лесно: тоа често подразбира храброст, преиспитување, премислување, *прифаќање* на туѓите и на своите грешки, помирување. Зрелост. Да, заедништвото не е лесно, но затоа еве: активните членови на ДПМ купуваат еден билет за театар, и вториот го добиваат гратис.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни