169 години борба – жените сè уште чекаат еднаквост!

На 8 март 1857 година, текстилни работнички во Њујорк излегле на штрајк барајќи подобри услови за работа и пократко работно време. Полицијата насилно го растерала протестот.
феминизам

По сите години борби, протести и букети… можеби вистинското прашање не е што сакаат жените, туку дали светот конечно е подготвен да ги слушне?

Жените денес се насекаде. Тие се докторки, новинарки, судијки, научнички, работнички, професорки. Тие се премиерки и касиерки, активистки и мајки. Тие се половина од светот кој сè уште не е изграден по нивна мерка. И така ќе остане сè додека ако сме успешни, некој прашува дали сме добри мајки. Ако сме амбициозни, ни велат дека сме агресивни. Ако сме гласни, претеруваме. Ако сме убедливи, ни велат дека сме хистерични… И тука почнува и другата, потемна страна на приказната за нееднаквоста. Зад дискусијата за родова еднаквост стојат приказни што никогаш не требало да се случат. Фемициди зад кои стојат имиња. Приказни на жени кои биле убиени затоа што некој мислел дека има право на нивниот живот.

Во многу општества, жените се научени да издржат повеќе. Да простат повеќе. Да премолчат повеќе. А мажите често се научени дека моќта е нивна природна позиција.

Можеби најголемата заблуда на нашето време е идејата дека еднаквоста веќе е постигната. Затоа што ако навистина беше така, жените немаше да мораат да објаснуваат зошто се плашат да одат сами ноќе. Немаше да мораат да се оправдуваат за сопствените амбиции. И немаше да мораат да се борат толку силно за нешто што би требало да биде основно, а тоа е достоинствен живот. Немаше да имаме толку фемициди, нееднакви плати, помалку жени на раководни позиции, одвај три министерки…

Историјата на жените никогаш не била приказна за систем што доброволно се менува. Тоа е приказна за жени што продолжуваат да одат напред и кога системот доцни зад нив. За генерации жени кои секогаш биле чекор понапред од општеството што требало да ги следи. За оние кои продолжуваат да одат напред низ историјата. Полека. Понекогаш болно. Но никогаш наназад.

И можеби токму затоа, најважното прашање денес не е што уште треба да направат жените. Тие веќе направија доволно. Вистинското прашање е дали светот конечно е подготвен да се промени заедно со нив? Затоа што ако половина од човештвото продолжи да се бори за основни права, тогаш проблемот никогаш не бил во жените. Проблемот е во светот што сè уште се двоуми дали навистина да не слушне.

И токму затоа, 8 март е потсетник дека борбата за еднаквост не завршила. Секој фемицид, секој страв, секоја недовршена можност за достоинствен живот нè потсетува дека слободата не е завршена приказна. 8 март е ден кога треба да се слушне гласот на жените. Да се слушне што сакаат, а тоа е безбедност, еднаквост, право на сопствено тело и достоинство. Сето останато е само формалност.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни