Очекуваниот животен век во САД се зголемил лани, а прелиминарните податоци сугерираат дека може да има уште едно – многу помало – подобрување оваа година, јавија американските медиуми.
Стапката на смртност падна минатата година за речиси сите водечки причини, особено од Ковид-19, срцеви заболувања и предозирање со лекови, според извештајот на Центрите за контрола и превенција на болести објавен денеска. Тоа се претвори во додавање на речиси една година на проценетиот животен век на Американците.
Експертите забележуваат дека тоа е дел од враќањето по пандемијата, но очекуваниот животен век се уште не се искачил на нивоата пред пандемијата.
„Она што го гледате е континуирано подобрување, но забавување на подобрувањето“, рече Елизабет Вригли-Филд, истражувач од Универзитетот во Минесота.
„Ние некако се приближуваме кон некаква нормала што е полоша отколку што беше пред пандемијата“.
Минатата година починале речиси 3,1 милиони жители на САД, околу 189.000 помалку од претходната година. Стапката на смртност се намали кај сите расни и етнички групи, и кај мажите и кај жените.
Привремените податоци за првите 10 месеци од 2024 година сугерираат дека земјата е на пат да забележи уште помалку смртни случаи оваа година, можеби околу 13.000 помалку. Но, таа разлика веројатно ќе се намали како што доаѓаат повеќе потврди за смрт, рече Роберт Андерсон од ЦДЦ.