Претседателот на Украина, Зеленски, соопшти дека телефонски разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за претстојните преговори во Женева насочени кон завршување на војната.
Зеленски на социјалната мрежа Икс напиша дека во разговорот учествувале и пратениците на Трамп, Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Тој им се заблагодарил за нивната активна вклученост во процесот и напорите за постигнување решение.
Според украинскиот претседател, темите се однесувале на прашањата што ќе бидат разгледувани на билатералната средба меѓу украински и американски претставници во Женева, како и подготовките за следната средба на целосните преговарачки тимови во трилатерален формат на почетокот на март.
Во Женева утре се очекува нова рунда билатерални разговори меѓу Украина и САД, која треба да ја подготви теренот за трилатерална средба Украина–Русија–САД.
Зеленски изразил надеж дека трилатералниот формат ќе создаде услови за пренесување на разговорите на лидерско ниво. „Тоа е единствениот начин да се решат сите комплексни и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, навел тој.
Украинскиот претседател се осврнал и на иницијативата PURL (Prioritised Ukraine Requirements List), воспоставена во 2025 година, која им овозможува на сојузниците да финансираат набавка на американско оружје за Киев.
Тој додал дека изминатата зима била најтешка за Украина, но дека ракетите за противвоздушна одбрана набавени од САД помогнале во заштита на цивилите и критичната инфраструктура.
Исходот од средбата во Женева ќе биде клучен за понатамошната динамика на преговорите и евентуалното преминување на процесот на директно лидерско ниво.