Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Соединетите Американски Држави треба да го засилат притисокот врз Русија преку можна операција насочена кон чеченскиот лидер Рамзан Кадиров. Според него, ваков потег би можел да влијае врз руското раководство.
„Еве пример со Мадуро. Да, спроведоа операција. Целиот свет ги виде резултатите и тоа го направија брзо. Нека спроведат некаква операција и со овој, како се вика, Кадиров“, изјавил Зеленски.
Изјавата на Зеленски се поврзува со апсењата и настаните со венецуелскиот претседател Николас Мадуро.
Реакција од Чеченија
Рамзан Кадиров брзо одговори на изјавите на Зеленски преку својот Телеграм-канал, обвинувајќи го украинскиот претседател дека се обидува да ги постигне своите цели преку други држави.
„Забележете дека тој дури и не се заканува дека тоа би го направил сам. Повеќе сака да стои настрана и да набљудува од безбедна дистанца“, напиша Кадиров.
Тој додаде дека Зеленски го ставил на листа на барани лица и поддржал санкции против него, а сега, според Кадиров, бара помош од САД. „Ако не помогнаа со оружје, барем нека го киднапираат Рамзан“, напиша чеченскиот лидер, користејќи саркастичен тон.
Кадиров на украинска потерница
Ова не е првпат Кадиров да биде во судир со украинските власти. Службата за безбедност на Украина (СБУ) претходно го стави на потерница, обвинувајќи го за водење „агресивни воени дејствија“ и за кршење на законите и обичаите на војување.
Од другата страна, Истражниот комитет на Русија ваквите потези ги оцени како обид за „доведување свесно невина личност пред кривична одговорност“.
