Зеленски: Стравувам дека САД ќе го изгубат интересот за мировниот процес

Украинскиот претседател предупредува дека руска стратегија е да го одвлече американското внимание, додека Вашингтон паралелно комуницира со Кремљ за можни формули за мир.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничката прес-конференција со ирскиот премиер во Даблин изјави дека неговиот најголем страв е можноста САД да го изгубат интересот за организирање одржлив мировен договор меѓу Киев и Москва. Иако нагласи дека последните дипломатски сигнали од Вашингтон внесуваат „дозa оптимизам“, тој предупреди дека токму тоа е главната цел на руската стратегија – да го намали американското политичко и дипломатско внимание кон конфликтот.

Зеленски истакна дека е охрабрен од брзината на тековните преговори и од фактoт дека САД не се повлекуваат од дипломатската маса, но истовремено призна дека постои реален ризик дел од сојузниците „да се изморaт“. Москва, според него, активно работи на тоа да го поткопа американскиот интерес како дел од поширока стратегија за притисок врз Киев.

Паралелно, Украина очекува повратни информации од американските претставници по состанокот на специјалниот изасланик Стив Виткоф и Џаред Кушнер со рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Од нив, како што објасни Зеленски, се очекува пренос на ажурираната верзија на мировниот план од 28 точки, заеднички развиван со рускиот пратеник Кирил Дмитриев, кој претходно беше жестоко критикуван поради преголема наклонетост кон Кремљ.

Украина останува цврста во своите услови: нема прифаќање никакви територијални отстапки и секој договор мора да го гарантира нејзиниот суверенитет и долгорочна безбедност. Неколку украински функционери дополнително изразуваат сомнеж во квалитетот и јачината на евентуалните безбедносни гаранции, кои Киев и европските партнери сакаат да бидат блиски до моделот на членот 5 од НАТО. САД сè уште немаат дадено јасен сигнал дали би поддржале толку силна гаранција.

Од другата страна, Русија уверува дека „нема намера“ да го продолжи конфликтот и дека европските гаранции не се неопходни, но истовремено испраќа остри пораки. Во пресрет на разговорите со американските претставници, Путин повтори дека Русија е подготвена доколку Европа би започнала воени дејствија против Москва, оценувајќи дека европските земји самите се исклучиле од процесот со санкции и замрзнати дипломатски односи.

Кремљ ги обвинува европските лидери дека намерно предлагаат услови за прекин на конфликтот за кои знаат дека Москва ќе ги смета за „апсолутно неприфатливи“, со цел Русија да биде прикажана како дел што ги блокира американските обиди за мир.

Во момент кога Вашингтон, Брисел и Киев бараат политички модел што би обезбедил трајна безбедност во Европа, стравувањата на Зеленски додаваат нова тежина на прашањето: дали светот има доволно дипломатска издржливост за решение што нема да биде на штета на Украина?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни