Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека рускиот напад со балистичка ракета „орешник“ бил „демонстративно“ близу границата на Украина со Европската Унија.
Во своето вечерно видео обраќање, Зеленски нагласи дека ракетата среден дострел „орешник“ претставува закана и за земјите членки на ЕУ, како Полска, Романија и Унгарија, пренесува Ројтерс.
Рускиот министер за одбрана соопшти дека руските сили користеле ракети „орешник“ во масовен напад на клучни цели во Украина.
„Изведен е масовен удар со употреба на прецизно оружје долг дострел, од копно и море, вклучувајќи мобилен ракетен систем среден дострел ‘орешник’, како и ударни дронови, против клучни цели на територијата на Украина“, се наведува во соопштението, пренесува РИА Новости.
Рускиот напад уништил фабрики за производство на дронови кои украинските вооружени сили ги користеле за напад на резиденцијата на претседателот на Русија, Владимир Путин. Исто така, погодена е енергетската инфраструктура која го поддржува украинскиот воено-индустриски комплекс.
„Сите цели на нападот се постигнати. Сите терористички акции на криминалниот украински режим ќе се сретнат со соодветен одговор“, се наведува во завршното соопштение.
