Зеленски: Ако Русија го одбие новиот план, ќе побарам реакција од САД

Украинскиот претседател вели дека е „фер“ Вашингтон да го засили притисокот и воената помош доколку Москва ја блокира дипломатијата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека очекува Соединетите Американски Држави, предводени од претседателот Доналд Трамп, да извршат силен притисок врз Русија доколку Кремљ ги одбие мировните услови што моментално се усогласуваат меѓу Украина, САД и Европа. Изјавата ја даде за време на летот назад од Берлин, по вчерашните разговори, пренесува Украинска Правда.

На прашањето што ќе следува ако Москва ги отфрли договорите што се финализираат на дипломатско ниво, Зеленски одговори со иронија, но и со јасна политичка порака.

„Ако Путин одбие сè, тогаш ќе го имаме истото што ни се случува сега во авионот – турбуленции. Токму сега се случуваат“, рече Зеленски со насмевка, додавајќи дека тоа не е ништо во споредба со војната и со последиците ако Русија целосно ја уништи подготвеноста за дипломатско решение.

Очекување за посилен американски ангажман

Зеленски оцени дека во таков сценарио би било логично САД да го зголемат притисокот врз Русија, како преку санкции, така и преку проширување на воената помош за Украина.

„Мислам дека Америка би извршила притисок со санкции и би ни обезбедила повеќе оружје ако Путин сè одбие. Тоа би бил фер барање од наша страна“, рече украинскиот претседател. Според него, доколку САД се подготвени да понудат безбедносни гаранции и да реагираат доколку тие бидат прекршени, тогаш нема суштинска разлика меѓу такво сценарио и ситуација во која Русија одбива да ја заврши војната.

Зеленски нагласил дека, како претседател, но и со поддршка од дел од европските лидери, би побарал барем дел од тие гаранции да се претворат во конкретна способност за одбрана.

„Противвоздушната одбрана и оружјето со долг дострел се клучни за да можеме да се браниме од Путин“, истакна тој.

„Сериозен напредок“ во разговорите

За време на брифингот со новинарите, Зеленски откри дека по разговорите ќе бидат формализирани пет документи, поврзани со безбедносните гаранции и обновата на Украина. Тој оцени дека е постигнат „сериозен напредок“ кога станува збор за гаранциите, но повтори дека Киев нема да прифати де јуре или де факто признавање на окупираниот Донбас како руска територија.

Во меѓувреме, американски медиуми, повикувајќи се на свои извори, објавија дека Вашингтон смета оти околу 90 проценти од несогласувањата меѓу Украина и Русија веќе се надминати, иако клучните политички и безбедносни прашања остануваат отворени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни