Зеленски: Путин сака правно признавање на она што го украде

Зеленски додаде дека сè уште има многу работа што треба да се заврши и побара да се донесе одлука за користење на замрзнатите руски средства
Фото: X/@ZelenskyyUa

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, преку видео конференциска врска се обрати пред шведскиот парламент, велејќи дека Украина е во „критичен момент“ и дека „тесно соработува со САД и другите европски партнери за да ги дефинира чекорите“ за завршување на војната.

Зеленски предупреди дека рускиот претседател Владимир Путин сака „правно признавање на она што го украл, уништување на принципите на територијален интегритет и суверенитет“. „Тој го сака тоа не само од Украина, туку од целиот свет, а тоа е многу опасно“, рече тој.

Тој посочи дека украинските преговарачи досега успеале да задржат „многу чувствителни точки“ на преговарачката маса, вклучувајќи го ослободувањето на сите украински воени заробеници и враќањето на киднапираните украински деца.

Но, тој додаде дека сè уште има многу работа што треба да се заврши и побара да се донесе одлука за користење на замрзнатите руски средства.

„Агресорот мора целосно да плати за војната што ја започна“, им рече тој на пратениците.

Во одвоено обраќање на самитот на Кримската платформа во Шведска, Зеленски нагласи дека Киев работи на компромиси во рамките на американските предлози, но исклучиво на решенија што ќе „ја зајакнат, а не ќе ја ослабнат Украина“.

Претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанјук, кој исто така присуствува на самитот, изјави дека плановите на Украина за членство во Европската Унија и НАТО мора да бидат составен дел од безбедносните гаранции и од секој мировен договор. Тој ги наведе „црвените линии“ на Украина како: никакво формално признавање на окупираните територии, никакво ограничување на одбранбените сили и никакво ограничување на идните меѓународни сојузи на Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни