Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги посети украинските војници во близина на градот Покровск, каде моментално се водат најжестоките борби на фронтот. Зеленски на социјалните мрежи објави фотографии од командното место во секторот Добропиља, дваесетина километри северно од Покровск, во регионот Доњецк, каде се сретна со военото раководство и со врховниот командант Олександар Сирски.
Русија повеќе од една година се обидува да го заземе Покровск, град од стратешко значење и клучен логистички центар. По месеци напредување, руските сили сега се инфилтрирани во самиот град, а Зеленски минатата недела изјави дека Москва нагомилала околу 170.000 војници на неговите рабови. Според украинските проценки, падот на Покровск би можел да ѝ го отвори патот на Русија кон остатокот од Доњецк и т.н. „појас на тврдини“, што ги сочинуваат градовите Краматорск, Словјанск, Костјантивка и Дружкивка.
Состојбата на теренот останува нејасна. Генералот Сирски призна дека украинските сили се под „силен притисок од непријателска групација од повеќе илјади војници“, но демантира дека се опколени. Истовремено, руските воени блогери тврдат дека 90% од градот е под контрола на Москва. Американскиот Институт за проучување на војната (ISW) наведува дека руските сили „сè полесно дејствуваат“ во рамките на градот, кој пред војната имал околу 60.000 жители, а сега, поради разурнувањата, е речиси целосно празен.
Зеленски изјави дека во последните денови Русија „немала успех“ во Покровск, но призна дека „ситуацијата не е лесна“ за украинските сили. Тој нагласи дека една третина од сите судири на фронтот се водат токму во овој сектор, а половина од сите руски клизни бомби се фрлени врз градот. Поради бројчаната надмоќ на руските сили, која според украинските податоци изнесува осум спрема еден, некои аналитичари во Киев ја критикуваа одлуката да се продолжи со одбраната на градот.
Во пораката објавена заедно со фотографиите, Зеленски порача: „Ова е нашата земја, ова е нашиот Исток, и сигурно ќе направиме сè што можеме за да остане украински.“ Според најновите податоци, Русија во моментов контролира околу 81% од Доњецката и 99% од соседната Луганска област, кои заедно го сочинуваат регионот Донбас — територија што Владимир Путин ја прогласи за анектирана во 2022 година.
Додека борбите беснеат на фронтот, руските сили продолжуваат со ракетни и дронски напади врз украинските градови, насочени особено кон енергетските постројки со приближувањето на зимата. Во текот на ноќта, голем напад со дронови ја погоди јужната лука Одеса на Црното Море, каде беа оштетени индустриски објекти и електроинфраструктура. Изминатиот викенд, во комбинирани руски напади низ земјата беа убиени најмалку 15 цивили, а 44 беа ранети.
Од другата страна, Украина продолжува со сопствени удари користејќи беспилотни летала насочени кон индустриски комплекси во Русија и во пограничните области. Киев соопшти дека во последните денови биле погодени петрохемиски постројки во регионот Башкортостан и рафинерија во регионот Нижни Новгород. Во експлозија на украински дрон во руската погранична област Белгород загинала една жена, а три лица се повредени.