Зеленски на турнеја низ Европа го претставува неговиот „План за победа“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја започна турнејата низ Европа за да ја зајакне воената и финансиската поддршка, со средби со британскиот премиер Кир Стармер и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Фото: X/@ZelenskyyUa

Зеленски во четвртокот пристигна во Лондон на разговори за неговиот „план за победа“, план чија цел е да се стави крај на војната со Русија, која претходно ја опиша како апел до сојузниците да ја зајакнат Украина во однос на безбедносните гаранции, во однос на оружје и во однос на иднината на Украина по оваа војна.

Стармер пред состанокот потврди дека тоа е шанса да „го разгледа планот, да разговара подетално“.

Зеленски требаше да го претстави планот на состанокот на високо ниво на Контакт групата за одбрана на Украина во Германија оваа недела, но самитот беше одложен откако американскиот претседател Џо Бајден ја откажа посетата за да се фокусира на ураганот Милтон.

Турнејата на Зеленски доаѓа додека војната со Русија се одолговлекува без да се гледа крај, исцрпувајќи ги владините каси.

Украинскиот парламент во четвртокот го одобри првото големо зголемување на даноците за време на војната за да помогне да се соберат предвидените 12 милијарди долари потребни за одбрана до крајот на 2024 година.

Јарослав Железниак, пратеник од партијата Холос, рече дека 247 од 450 пратеници во Врховната Рада го одобриле зголемувањето.

Новиот закон, кој треба да го потпише Зеленски, вклучува зголемување на воениот данок од 1,5 на 5 отсто за жителите, повисоки даноци за индивидуалните претприемачи и малите бизниси, 50 отсто данок на добивката на банките и 25 отсто данок на добивката на финансиските друштва.

Зеленски вели дека на неговата земја очајно ѝ е потребна поголема помош за да се наруши рамнотежата на војната и да се обезбеди победа на бојното поле додека Русија зазема десетици мали градови и села на спорниот исток.

Обединетото Кралство беше еден од клучните поддржувачи на Украина во нејзината двегодишна борба против руската инвазија, обврзувајќи се да испорачува 3 милијарди фунти  воена помош секоја година онолку долго колку што е потребно.

Помошта од Соединетите Американски Држави, сепак, виси на конец со претстојните претседателски избори во ноември.

Германскиот институт Кил предупреди во четвртокот дека западната воена и финансиска помош за Украина може да се преполови на околу 29 милијарди евра во 2025 година, доколку победи републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Како дел од неговиот „план за победа“, Зеленски, исто така, сака дозвола да користи оружје со долг дострел обезбедено од сојузниците, вклучително и проектили „Storm Shadow“ испорачани од Британија, за да напаѓа воени цели длабоко во Русија. Се смета дека САД се противат на тоа поради стравувањата дека тоа би можело да го ескалира конфликтот.

По средбата во Лондон, Зеленски се очекува да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз и со исталијанската премиерка Џорџија Мелони во Рим.

Тој, исто така, има аудиенција кај папата Франциско во Ватикан во петок наутро, а истиот ден во Берлин ќе се сретне со германскиот канцелар Олаф Шолц, изјави портпаролката на германската влада.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни