Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во обраќање од плоштадот Независност во Киев, по повод одбележувањето на Денот на независноста, порача дека секој симбол на тоа место зборува за независноста на државата.
„На овој плоштад, под нашите знамиња, нашите деца и внуци го слават Денот на независноста. Во мир и со почит, со вера во иднината и благодарност кон сите што ја бранеа Украина во оваа војна за независност“, истакна Зеленски, пренесе „Укринформ“.
Украинскиот претседател додаде дека, и покрај тоа што делови од земјата во моментот се окупирани од руските сили, постои „една Украина“ и „повторно ќе бидеме заедно како едно семејство.“
Зеленски се осврна на тешката дипломатија со Русија, во услови на обновени повици од претседателот на САД, Доналд Трамп, за поттикнување мировни преговори кои би можеле да доведат до крај на војната.
„Украина никогаш повеќе нема да го прифати понижувањето што Русите го нарекуваат ‘компромис’,“ изјави тој.