Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека верува дека руската војна против Украина би можела да заврши веќе во првата половина на 2026 година. Како што пренесува Kyiv Independent, Зеленски оценил дека меѓународните преговори достигнале нова, клучна пресвртница.
Говорејќи на свеченост по повод почетокот на кипарското претседавање со Советот на Европската унија, Зеленски нагласи дека разговорите со европските партнери и Соединетите Американски Држави влегле во нова фаза, при што ја истакна и централната улога што ЕУ треба да ја има во процесот на постигнување мир.
„Додека Кипар го започнува своето претседавање со Советот на ЕУ, забележуваме дека преговорите, заедно со нашите европски партнери и, секако, Соединетите Држави, како и сите членки на Коалицијата на подготвените, достигнаа нова пресвртница“, изјави Зеленски. „Искрено веруваме дека оваа војна може да биде завршена во текот на вашето претседавање со Советот на ЕУ.“
Кипарското претседавање со Советот на Европската унија трае до крајот на јуни 2026 година, што, според Зеленски, отвора временска рамка во која може да се постигне мировно решение.
Изјавите на украинскиот претседател следуваат по серија интензивни разговори меѓу украински, европски и американски претставници во Париз. На самитот на т.н. „Коалиција на подготвените“, чиј домаќин беше францускиот претседател Емануел Макрон, од Киев беше испратен сигнал дека мировниот договор за завршување на речиси четиригодишната руска инвазија е „90 проценти подготвен“.
На средбата учествуваат претставници на 35 земји, меѓу кои 27 шефови на држави и влади, високи функционери на Европската унија, како и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Според нацрт-заедничката изјава, која сè уште чека конечна потврда од лидерите, безбедносните гаранции на Коалицијата би вклучувале распоредување сили под водство на САД и Европа во повоената Украина, како и надзор на прекинот на огнот од страна на Вашингтон.
