Зеленски ја повлече црвената линија: Украина одбива демилитаризирана зона во Донбас

Украина за време на мировните разговори во Берлин го отфрли предлогот за воспоставување демилитаризирана зона во Донбас, оценувајќи дека таквото решение би претставувало капитулација и како такво е неприфатливо за Киев, јавуваат германските медиуми повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
epa12510807 Ukrainian President Volodymyr Zelensky and members of the High Command General Headquarters attend a briefing for journalists in Kyiv, Ukraine, 07 November 2025. Zelensky spoke about the situation on the frontlines and in the country following Russia's attacks on energy facilities. EPA/STRINGER

Според информациите, разговорите меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и американското изасланство завршиле без договор за предлогот што се однесува на истокот на Украина. Преговорите во Берлин се водат врз основа на мировна рамка поддржана од САД, која содржи 28 точки и има цел замрзнување на војната.

Како дел од тој предлог, од Украина се очекува да се откаже од стремежот за членство во НАТО и да одржи нови избори во рок од 100 ден, услови за кои Киев наводно е подготвен да разговара под одредени околности. Сепак, најголемиот застој настанал околу територијалните прашања, особено околу Доњецката област.

Според документите за кои се разговарало, Крим, како и Луганската и Доњецката област, би биле де факто признаени како територии под руска контрола, додека делови од Запорошката и Херсонската област би останале „замрзнати“ долж сегашната линија на контакт. Планот предвидувал и повлекување на украинските сили од делови на Доњецката област што сè уште се под контрола на Киев, по што тие подрачја би биле прогласени за демилитаризирана економска зона.

Иако, според изворите, Зеленски е подготвен да прифати замрзнување на фронтот што во практика би значело привремено прифаќање на загубата на окупираните територии тој решително одбил какво било еднострано повлекување на украинските сили од Доњецката област. Американската страна, наводно, предложила Украина да се повлече од околу 5.600 квадратни километри, кои формално не би биле заземени од руските сили, туку би останале демилитаризирани.

Москва, пак, реагирала со контрапредлог во таа зона да биде распоредена исклучиво руската Национална гарда, што дополнително ги засилило сомнежите во Киев. Украинските власти стравуваат дека ваквото повлекување би ѝ овозможило на Русија военo да го преземе подрачјето, што би ја претворило демилитаризираната зона во фактичка принудна предаја.

„Таквото сценарио би значело капитулација и нема да биде прифатено“, изјавил висок украински функционер за германскиот весник „Билд“, нагласувајќи дека едностраното повлекување од фронтот претставува јасна црвена линија за Украина.

Зеленски во неделата изјави дека пристапот „остануваме таму каде што сме сега“ го смета за најправично решение и дека очекува поддршка од Соединетите Американски Држави. Тој, исто така, го доведе во прашање принципот на повлекување само на една страна, прашувајќи зошто, доколку украинските сили се повлечат неколку километри, истото не би важело и за руските сили на окупираните територии.

Претходно, францускиот весник „Ле Монд“ објави дека Киев наводно прифатил демилитаризирана зона со повлекување на силите од двете страни, но Кабинетот на украинскиот претседател веднаш го демантираше тоа, нагласувајќи дека станува збор само за теоретски разговори и дека никаква политичка одлука не е донесена.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни