Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес во видео обраќање до членовите на Европскиот парламент изјави дека заемот од 90 милијарди евра мора да се спроведе, дека на Украина ѝ е потребен јасен датум за пристапување во Европската унија и дека сè што ја финансира руската војна мора да се забрани.
Володимир Зеленски се обрати на специјалната седница на Европскиот парламент посветена на четвртата годишнина од војната во Украина , додека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и лидерите на неколку земји од Европската Унија се денес во Киев за да ја изразат својата поддршка за таа земја.
Зеленски рече дека на Украина ѝ се потребни силни безбедносни гаранции и „јасен датум“ за пристапување на Украина во Унијата.
„Многу е важно да добиеме јасен датум за пристапување во ЕУ, како дел од дипломатскиот процес што моментално има за цел да ја заврши војната. Тоа не е само желба, туку јасно разбирање за тоа како ќе дејствува (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски.
Доколку нема таква гаранција, предупреди тој, Путин ќе „најде начин да ја блокира Украина со децении“ со тоа што ќе ги подели ЕУ и Европа.
Зеленски рече дека европскиот заем од 90 милијарди евра мора да се спроведе бидејќи претставува „вистинска финансиска гаранција за безбедноста и отпорноста“ на Украина.
Вчера, ЕУ не успеа да одобри нов голем заем за Украина, како и да го усвои 20-от пакет санкции против Русија поради противењето на Унгарија.
Претседателот на Украина ги повика Европејците да покажат единство и храброст во лицето на руската агресија.
„Денес, мора да бидеме исто толку цврсто решени како што бевме кога започна инвазијата, бидејќи заканата не е намалена“, рече Зеленски.