Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Фајненшл тајмс“ изјави дека Русија и Украина се на „почетокот на крајот“ на најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна, но истовремено го повика Вашингтон да не наседнува на „игрите со преговори“ на рускиот претседател Владимир Путин.
Зеленски предупреди дека без силни безбедносни гаранции од Западот, Москва би можела да го искористи евентуалниот прекин на огнот за да ги прегрупира своите сили и да подготви нова офанзива.
Тој ја повика и Европската Унија да одреди конкретен датум за пристапување на Украина, истакнувајќи дека членството треба да се случи не порано од 2027 година. „Сакам датум. Го барам“, рече Зеленски, додавајќи дека не смее да се дозволи идните генерации да се соочат со можноста Русија со децении да го блокира евроинтегративниот процес на Украина.
Зборувајќи од својот кабинет во Киев, украинскиот лидер го обвини Путин дека преку комуникација со американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да ја ослабне преговарачката позиција на Киев. Според него, Русија не покажува сериозна намера да ја заврши војната и „игра игри“ со меѓународната заедница.
Зеленски откри и дека, според украинските разузнавачки служби, руските претставници предложиле пакет економски договори со САД вреден 12 трилиони долари, кој наводно вклучува одредби поврзани со Украина и можност за искористување на природните ресурси на териториите под руска окупација.
Тој ги отфрли тврдењата на Путин дека Украина би го искористила примирјето за прегрупирање, нарекувајќи ги „лага“. Посочи дека Москва регрутира околу 40.000 војници месечно, додека губи околу 35.000.
„На Украина ѝ е потребен прекин на огнот – вчера, денес, утре“, рече Зеленски, додавајќи дека целта не е само пауза, туку траен крај на војната.