Претседателот на Украина Володимир Зеленски изјави дека неговата земја е подготвена за мировни преговори, но ги исклучува Русија и Белорусија како можни држави-домаќини. „Подготвени сме за дијалог, но не на територијата на државите што ја нападнаа Украина,“ изјави Зеленски.
Тој нагласи дека никој нема мандат да отстапува украинска територија, додавајќи дека секој договор мора да го гарантира територијалниот интегритет и безбедноста на државата. Според него, единствено можно сценарио е „мир преку сила на правото, а не сила на оружјето“.
Зеленски ја повика меѓународната заедница да продолжи со поддршка, особено Европската унија и НАТО, оценувајќи дека следните месеци се клучни за стабилизација на фронтот и енергетската инфраструктура.
Во исто време, од Кремљ повторија дека Русија е „отворена за преговори под свои услови“, додека Минск изрази подготвеност да биде посредник. Украина, пак, смета дека Белорусија „го изгубила неутралниот статус“ поради учеството во руските воени операции и логистичка поддршка на агресијата.
Мировниот процес останува дел од дипломатските напори што се интензивираат со поддршка од Обединетите нации и Европската унија, додека официјален Киев инсистира дека вистинскиот мир може да се постигне само со целосно повлекување на руските сили.