Зелената струја ја менува Европа: кои земји водат и што следува понатаму

Речиси половина од електричната енергија во Европската Унија доаѓа од обновливи извори, а Австрија, Шведска и Данска се на врвот на листата.

Употребата на електрична енергија од обновливи извори во Европска Унија се приближува до 50 проценти, покажуваат најновите податоци на Eurostat. Растот е поттикнат пред сè од хидроенергијата, но сè поголема улога има и соларната енергија.

Највисок удел на „зелена“ електрична енергија има Австрија, каде речиси 90 проценти од струјата доаѓа од обновливи извори, главно благодарение на 16-те хидроцентрали. Веднаш зад неа е Шведска со 88 проценти, потпирајќи се на ветер и вода, додека Данска е трета со 80 проценти, благодарение на развиената мрежа на копнени и офшор ветерни паркови.

Земји со удел значително над 50 проценти се и Португалија (66%), Шпанија (60%) и Хрватска (58%). Италија и Франција се во долната половина на листата, на 18. и 21. место.

Најниски удели на зелена струја се забележани во Малта (11%), Чешка (18%), Луксембург (20,5%), како и во Унгарија и Кипар (по 24%). Податоците ја опфаќаат и електричната енергија од обновливи извори што се увезува од странство.

Соларната енергија во брз подем

Употребата на зелена електрична енергија во ЕУ значително порасна во последните две децении. Во 2004 година изнесувала само 16 проценти од вкупната потрошувачка, околу 29 проценти во 2014 година, а денес достигнува 47,5 проценти.

Во моментов, ветерната енергија учествува со најголем удел меѓу обновливите извори – 38 проценти, следена од хидроенергијата со 26 проценти. Најбрзо расте соларната енергија, која од само 1 процент во 2008 година порасна на над 23 проценти во 2024 година, со вкупно 304 TWh произведена електрична енергија.

Енергетскиот експерт Ben McWilliams од тинк-тенкот Bruegel оценува дека „речиси е сигурно дека соларната енергија ќе ја надмине хидроенергијата во следните неколку години“, бидејќи изградбата на соларни капацитети расте со рекордно темпо, додека хидроенергијата стагнира.

Иако најголемиот дел од соларните панели инсталирани во Европска Унија се произведени во Кина, експертите оценуваат дека ова не претставува долгорочен ризик за европската енергетска безбедност. McWilliams објаснува дека соларните панели се „капитал, а не тековна зависност“.

„Откако еднаш ќе се инсталира панел, тој останува таму со децении. Дури и ако поради некакви причини увозот од Кина запре, тоа само би го забавило темпото на нови инсталации, додека понудата би се пренасочила кон други пазари (вклучително и домашното производство) во рок од две до три години“, вели McWilliams.

Според податоците на Solar Power Europe, во моментов во ЕУ има 166 компании активни во фотоволтаичниот синџир. Најголем дел од нив се лоцирани во Германија, додека Холандија има најголем соларен капацитет по жител, со околу 1.044 вати годишно по лице.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни