Интервју со Стојан Мишев, здружение ЕСЕ

Здружението ЕСЕ досега обезбедило помош за над 3000 жени, жртви на семејно насилство

Семејното насилство е долгогодишен и сложен општествен проблем кој остава длабоки последици врз жртвите, семејствата и заедницата. Иако во последните две децении се направени чекори кон зголемување на свеста за оваа појава, сепак, многу жени во Македонија не ги препознаваат сите форми на насилство или се плашат да го пријават, поради недостаток на општествена поддршка и недоволно познавање на механизмите за заштита. Во ова интервју со Стојан Мишев, претставник на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), ќе зборуваме за нивната кампања на социјалните медиуми, тековната состојба со семејното насилство во земјата, како и за нивните активности во поддршка на жените што се соочуваат со оваа сурова реалност.

Стојан ќе ни открие како ЕСЕ низ годините развива силни механизми за поддршка, обезбедува бесплатна правна помош, психолошко советување и правно застапување, а истовремено активно работи на едукација на јавноста за динамиката и последиците од семејното насилство. Покрај тоа, ќе дискутираме и за тоа каква е соработката со надлежните институции, како и за потребата од воведување на национална кампања и конкретни мерки за економска поддршка на жените кои трпат насилство.

Трн: Можете ли да не информирате повеќе за кампањата која периодов ја спроведувате на социјалните медиуми, кој беше главниот мотив, целите на кампањата? Дали кампањата има конкретен временски период или е континуирана?

Стојан: Превенцијата на семејното насилство е област која во најголема мера е запоставена во рамките на досегашниот пристап на државата за справување со овој сериозен општествен проблем во изминатите 20 години. Системот за заштита од семејно насилство постои уште од 2004 година, меѓутоа жените што претрпеле семејно насилство сеуште не го препознаваат психолошкото и економското насилство и недоволно ги користат законските механизми за заштита. Јавноста не е доволно информирана за природата на семејното насилство, постои висок степен на толеранција и недоволна општествена поддршка за жените кои трпат насилство зад затворените врати на домот, местото каде што сите треба да се чувствуваме најбезбедно и најсигурно. 

Здружение ЕСЕ повеќе од 20 години активно работи на подобрување на состојбата на жените што претрпеле семејно насилство во нашето општество. Покрај обезбедувањето на стручна помош и поддршка за жените да го надминат проблемот со семејното насилство и поврзаните проблеми со кои се соочуваат, континуирано ја информираме јавноста за природата на семејното насилство и законските механизми за заштита, а работиме и со практичарите од надлежните институции и правосудството за подобрување на нивното постапување во предметите на семејно насилство. Сметаме дека преку правното зајакнување на жените и воопшто подобрувањето на разбирањето во јавноста за тоа што претставува семејното насилство ќе придонесеме за зголемување на целокупната општествена поддршка која им недостасува на жените. Ова се впрочем и целите на тековната кампања на социјалните медиуми, односно преку истата сакаме да им помогнеме на жените да го препознааат семејното насилство, да ги охрабриме да го пријават насилството и побараат помош и поддршка. Сакаме семејството, роднините, пријателите и заедницата да ја разберат динамиката на семејното насилство, ситуацијата во која се наоѓаат жените  и причините зошто е тешко да ја напуштат насилната заедница, како и да ги поттикнеме да ја обезбедат поддршката  која им е неопходна на жените за да се справат со семејното насилство.

Сметаме дека ваквиот вид на кампањи се позитивен чекор за зголемување на превенцијата на семејното насилство, меѓутоа неопходно е спроведување на сеопфатна национална кампања од страна на државата, која ќе опфати посебни канали за комуникација со ранливите групи на жени кои се особено ранливи, како што се жените кои живеат во рурално средини,припадничките на различните етнички групи (Ромки, Албанки, Турчинки) и жените со попреченост.

Трн: Обезбедувате и диреткна поддршка за решавање на проблемите со кои се соочуваат жените што претрпеле семејно насилство. Каков вид на поддршка обезбедувате?

Стојан: Од 2002 во рамките на ЕСЕ работи Центарот за правна помош и психолошко советувалиште за жените што претрпеле семејно насилство. Станува збор за обезбедување на стручни специјализирани услуги од страна на лица со долгогодишно искуство кои им помагаат на жените да го надминат проблемот со насилството и останатите правни проблеми со кои се соочуваат.

Трн: Колку жени се обратиле за помош досега преку оваа кампања? Дали забележавте пораст во бројот на случаи?

Стојан:На годишно ниво кај нас се обраќаат од 150 – 200 жени што претрпеле семејно насилство и до сега сме обезбедиле помош и поддршка на повеќе од 3000 жени кои се соочуваат со семејното насилство.

Во суштина ние ги зајакнуваме капацитетите на жените за самозастапување во постапките пред надлежните институции и судови, а истовремено обезбедуваме поддршка при поведувањето и во текот на овие постапки. Бесплатната правна помош подразбира правни совети, подготовка на писмени поднесоци (тужби, жалби, барања, приговори и др.) а за помал број на жени обезбедуваме и судско застапување. Жените најчесто се обраќаат за правна помош во постапките за заштита од семејно насилство (граќанска постапка за изрекување на привремени мерки за заштита и кривична постапка за сторени кривични дела како резултат на семејно насилство), развод на брак, старателство и издршка за децата, поделба на имот, надомест на штета и др. Услугите ги обезбедуваме лично преку телефон или во Центарот за правна помош при ЕСЕ во Скопје. Врз основа на проценката на задоволството од услугите кои ги обезбедуваме, можеме да заклучиме дека жените што претрпеле семејно насилство во голема мера се задоволни од начинот на комуникација, навременотообезбедување и квалитетот на услугите кои ги обезбедуваме за нив. Во 2020 година ја креиравме првата интернет платформа за правни совети за заштита од семејно насилство pobarajsovet.mk преку која го проширивме обезбедувањето на услуги на национално ниво. Оваа платформа содржи корисни информации во однос на природата на семејното насилство, законските механизми за заштита, а има и интерактивен дел преку кои за жените што претрпеле семејно насилство обезбедуваме правни совети согласно нивните индивидуални потреби.

Трн: Кои други потреби ги имаат жените што претрпеле семејно насилство?

Стојан: Покрај обезбедувањето на помош и поддршка редовно ги консултираме жените за специфичните проблеми во постапките пред надлежните институции и застапуваме за нивно решавање. Сметаме дека економската димензија на семејното насилство е во голема мера запоставена во рамките на досегашниот пристап на државата. Наодите од нашите истражувања покажуваат дека жените што претрпеле семејно насилство по разводот или разделбата се наоѓаат во многу неповолна финансиска состојба поради која не се во можност да ги решат проблемите со кои се соочуваат, но и обезбедат потребните услови за живот за нив и нивните деца. Жените не се информирани и не ги користат законските можности за ослободување од плаќање на трошоците и правото на бесплатна правна помош во судските постапки за заштита од семејнонасилство, развод, старателство, издршка и друго. Судски определената издршка не е доволна за задоволување на потребите на децата. Голем дел од сторителите на семејно насилство не ја плаќаат издршката, а државата нема воспоставено механизам за надоместување на овие финансиски средства па товарот е повторно на самите жени што претрпеле семејно насилство. Голем дел од жените се соочуваат со високи трошоци како резултат на семејното насилство, како што се изгубена работа/намалени приходи, здравствени трошоци, трошоци поради промена на местото на живеење и други трошоци, при што се приморани да се задолжуваат преку банкарски кредити, пријатели и роднини за да ги надоместат тековните животни трошоци за нив и нивните деца. Од овие причини, во последните неколку години бараме формирање на посебен државен фонд за финансиска поддршка на жените што претрпеле семејно насилство, меѓутоа државата сеуште нема преземено мерки и покрај итната потреба. За жал, жените што претрпеле семејно насилство ниту ја добиваат законски гарантираната заштита од насилство, ниту пак ја добиваат потребната финансиска поддршка која им е потребна за решавање на проблемите со кои се соочуваат и обезбедување на соодветни услови за живот за нив и нивните деца.

Трн: Како ја оценувате соработката со надлежните министерства и институции? Каков придонес давате во однос на подобрувањето на системот за заштита од семејно насилство?

Стојан: Како организација даваме свој придонес во процесите на усвојување на законите и политиките, а заедно со практичарите од институциите и правосудството работиме и на подобрување на нивното спроведување  во пракса.  Организираме обуки за подобрување на знаењата и вештините на практичарите од полиција, ЦСР, здравствени установи, граѓански организации за работа во случаи на семејно насилство. Организираме форуми со практичарите на кои ги дискутираме пречките со кои тие се соочуваат при нивното секојдневно работење, како и можностите за решавање на специфичните потреби на жените во постапките пред надлежните институции и судовите. Поднесуваме и извештаи до меѓународните тела за заштита на човековите права на ниво на Обединети нации, Совет на Европа и ЕУ, со што го зголемуваме и меѓународниот притисок врз нашата држава за преземање на суштински мерки за подобрување на фактичката положба на жените што претрпеле семејно насилство.

Трн: Кои се следните чекори за проширување на кампањата? Дали планирате нови активности за допирање до уште повеќе жени?

Стојан: Континурано спроведуваме ваков вид на кампањи и информативно-едукативни активности за општата јавност а особено жените, а истовремено во процесите на донесување на одлуки бараме усвојување на посебни мерки од ваков вид кои ќе бидат буџетирани и спроведени од страна на Владата  и надлежните министерства. Како пример би ја издвоиле подготовката на Националниот акционен план за Партнерство за отворена власта 2024-2026, во чии рамки како резултат на нашето застапување и усвоена посебна цел за превенција на семејното насилство преку спроведување на национална кампања од страна на Министерството за внатрешни работи и другите надлежни министерства.  Во периодот кој следи ќе дадеме свој придонес и во планирањето на оваа кампања и спроведување на национално ниво. Сметаме дека континуираното спроведување на кампањи и друг вид на превентивни активности на ова поле е од особено значење за спречување на насилството и намалување на стапката на семејно насилство во нашето општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни