Во Музејот на современата уметност – Скопје вечерва (4 март) со почеток во 19 часот ќе се одржи предавањето „Колекција како алатка“ на познатата кураторка Зденка Бадовинац, една од највлијателните фигури во современата европска уметничка сцена.
Предавањето се организира во рамките на меѓународната групна изложба „Истокот е сè уште можен“, која претставува дела од колекциите на МГ+МСУМ – Љубљана и МСУ – Скопје, а ќе биде отворена за посетителите до 29 март.
Колекцијата како активен инструмент
Во своето излагање, Бадовинац ќе го разработи концептот на колекцијата како алатка, идеја што ја нагласува активната и перформативна улога на музејските колекции во современото општество.
Овој пристап го разгледува музејот не само како институција што чува уметнички дела, туку и како простор што учествува во социо-политичкиот и културниот контекст, создавајќи нови значења, дијалози и интерпретации.
Концептот е поврзан и со колекцијата „Артист 2000+“, првата источноевропска уметничка колекција иницирана од Бадовинац во Модерна галерија во Љубљана, која ја истражува уметноста од повоените авангардни практики до современите глобални процеси.
Два почетоци на современата уметност
Во рамките на овој концепт, современата уметност се разгледува како феномен со два историски почетоци: 1960-тите години, кога се појавуваат нови авангардни практики и раните 1990-ти, по крајот на социјализмот и распадот на Југославија, период обележан со интензивна глобализација и технолошки промени.
Според ова гледиште, уметноста од последните децении е наследник и на историските и на повоените авангарди, што ја прави клучен дел од современите културни и општествени процеси.
Кураторка со меѓународен углед
Зденка Бадовинац од 1993 до 2020 година беше директорка на Модерна галерија во Љубљана, која од 2011 година се проширува со Музејот на современа уметност Метелкова (МСУМ).
Во периодот 2022–2023 ја водеше и Музејот на современа уметност во Загреб, а денес работи како независна кураторка и авторка.
Во својата кариера таа курирала бројни значајни изложби во Европа, меѓу кои: „Телото и Истокот – од 1960-тите до денес“, „NSK од Капитал до капитал“, „Поголем од себе си: Херојски гласови од поранешна Југославија“ и „Works of Heart“ на Сања Ивековиќ
Бадовинац е и член-основач на L’Internationale, конфедерација на европски музеи за модерна и современа уметност, а од 2010 до 2013 година беше претседателка на CIMAM – Меѓународниот комитет за музеи и колекции на модерна уметност.
Во 2020 година ја доби наградата „Игор Забел“ за култура и теорија.