Збирката на браќата Манаки прогласена за културно наследство од особено значење

За културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење е прогласена збирката на движно културно наследство ФОНД 580 „Браќа Манаки-Битола 1853-1964“ која се наоѓа во Државниот архив во одделението Битола, одлучи Владата. Со тоа се овозможуваат услови таа да биде трајно сочувана во изворна состојба.

„Високиот степен на заштита овозможува ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Збирката и за нејзината улога во културната идентификација, а се спречуваат и секаков вид дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање“, велат од Министерството за култура.

Збирката содржи документација, фотодокументација и предмети од професионалниот живот на браќата Милтон и Јанаки Манаки или вкупно: 1.253 архивски единици документација со 3.867 листови; 7.041 фотографии позитиви (хартиени копии); 6.702 стаклени негативи (4.951 заведени со описи, 1.751 заведени без описи); 1.071 рол филмови; 2.087 план филмови; 49 единици фото и кино опрема; 1.364 страници Научно-информативно средство.

„Заради својата автентичност, реткост, репрезентативност, разновидност, интегралност, зачуваност, старост, втемеленост и припадност, Збирката е сведоштво за едно време кое е од поширок интерес за проучување на мултикултурната балканска демографска структура општествено економските и културно историските прилики од регионална и европска важност“, пишува во образложението на одлуката.

Со прогласувањето на Збирката на браќата Манаки за културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење, артефактите добиваат режим на заштита од прв степен, што значи дека доброто ќе добие трајна заштита и систематизација што ќе овозможат едукативна програма за општествено-социолошки, културни и историски теми, нејзина дигитализација и можност за истражувачки, публикациски и други репрезентативни потреби кои вклучуваат јавно користење и достапност на доброто. Одделението во Битола на Државниот архив, ќе овозоможи поголема вклученост на јавноста и меѓународна афирмација на богатото културно наследство содржано во оваа збирка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни