Заврши „Галичка свадба“ најпознатата свадбена церемонија на Балканот

Венчавката традиционално се одржа во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“, со извршување на вековните свадбени обичаи

Во рамки на традиционалната Галичка свадба денеска се одржа венчавката на овогодинешните младенци Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски.

Нивната венчавка традиционално се одржа во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди.

Денот на венчавката, започна со традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, како и карактеристичниот обичај на Галичката свадба – „гледање низ прстен“. 

Потоа следуваше испраќањето на невестата и дарувањето, и венчавање во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.

Годинашните невеста и зет Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски на прес-конференцијата пред одржувањето на манифестацијата истакнаа дека учеството на галичката свадба за нив претставува исполнување на животниот сон. Јован е потомок на старото галичко семејство Филипоски и, како што рече, уште од мал мечтаел да биде зет на Галичката свадба.

Манифестацијата „Галичката свадба“ започна уште во петокот а Галичник во трите денови прими илјадници гости како од Македонија така и од светот и уште еднаш покажа дека оваа свадба е една од најпознатите свадбени церемонии на Балканот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни