Третата рунда преговори помеѓу Иран и САД за иранската нуклеарна програма заврши денеска во главниот град на Оман, Мускат. Според шефот на дипломатијата на Оман, Бадр Албусаиди, следниот состанок на високо ниво е привремено закажан за 3 мај.
Албусаиди напиша на платформата Х дека денешните разговори се фокусирале на „клучни принципи, цели и технички проблеми“ поврзани со иранската нуклеарна програма. Тој претходно посредуваше и во рундите одржани во Мускат и Рим.
Иран и САД, како што пренесува, ја истакнале „заедничката желба за постигнување договор заснован на заемно почитување и трајни обврски“. Преговорите се одвивале зад затворени врати неколку часа, објави агенцијата АП повикувајќи се на извор близок до специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, Стив Виткоф.
Ниту иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи, ниту Виткоф открија темите на следните разговори.
Целта на преговорите е ограничување на иранската нуклеарна програма во замена за укинување на дел од строгите економски санкции што САД ги имаат воведено кон Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати се закани дека ќе покрене воздушни напади врз иранските нуклеарни објекти доколку не се постигне договор.
Во рамки на овие дипломатски напори, Трамп изјави дека е подготвен да се сретне и со врховниот верски лидер на Иран, Али Хамнеи.