Затворање на 15. Филозофски филмски фестивал и прогласување на победниците од жирито и публиката

Програмата за последниот фестивалски ден започнува во18:00 часот со проекција на четири филмови од минатата година воведената, Селекција на видеоесеи (119’), во избор на м-р Ивана Мирчевска

Вечерва ќе бидат прогласени добитниците на наградите од стручното жири и од публиката. Фестивалот доделува „Златен був“ за најдобар долгометражен филм според жири и според публика, „Златен був“ за најдобар краткометражен филм според жири и според публика и Специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм. Годинава жирито беше составено од домашни и меѓународни познавачи на филмот и филозофијата: Кумјана Новакова (режисерка), Хасан Сердар Гергерлиоглу (фестивалски директор, Турција) и Мартин Ередеро Кампо (филозоф, Шпанија).

Програмата за последниот фестивалски ден започнува во18:00 часот со проекција на четири филмови од минатата година воведената, Селекција на видеоесеи (119’), во избор на м-р Ивана Мирчевска. Притоа ќе биде прикажан „Бесконечниот свет“ од Лукас Бергер кој ни прикажува сонлива естетска композиција во движење. Недопрените пејзажи, придружени од звукот на водата и свиркањето на ветрот, создаваат слика на бескрајно пространство што опстојува без многу луѓе. Потоа, ќе се прикаже „Случајни животни“ на Лејла Фатима Кејта и Феликс Кле, кој ги разгледува средбите помеѓу автомобилот на Google Street View и животни како пајаци, магариња и кучиња. Зошто алгоритмот ги заматува лицата на свињите? Што значи кога петнаесетте камери на автомобилот ќе го сретнат погледот на едно животно? Дел од селекцијата е и „Дневникот на едно небо“, во кој Лоренс Абу Хамдан го користи звукот како политички и форензички инструмент. Филмот сведочи за милитаризацијата на небото и нè изложува на звучна војна што не експлодира, туку тлее незабележлива, долготрајна и смртоносна. И четвртиот видео есеј кој ќе се проектира е „Последни нешта“, филозофско-геолошка медитација направена во духот на постхуманизмот на Дебора Стратман. Тој нè враќа во искуството на материјата – како последна, но жива трага на свет во кој создавањето и распаѓањето се ист процес, а еволуцијата тече низ многубројни, непредвидливи облици.

Во21:00 часот ќе бидат соопштени наградените филмови, а потоа публиката ќе може да ужива во прекрасното филмско остварување на Дерек Џарман, посветено на еден од најважните филозофи во XX век. Во „Витгенштајн“ (72’) е претставена драматизација на животот и  филозофијата на Лудвиг Витгенштајн (1889-1951), преку неколку сцени од неговата биографија, визуелизирани со минималистичка сценографија, врз база на сценарио на литературниот теоретичар Тери Иглтон. Личните авантури, во контраст со комплексните филозофски идеи (во кои главните интереси биле природата и границите на јазикот), парадоксите на логиката и комуникацијата, за режисерот Дерек Џарман биле подлошка врз која претставува една егзистенција во модерниот свет во кој меѓусебното разбирање не е само тешкотија во практичниот живот, туку и во теориската проблематика. По проекцијата ќе биде прикажано постхумно видео-излагање на фестивалскиот пријател и соработник, поранешниот заменик амбасадор на Кралството Шпанија во Скопје, Ернесто Ередеро дел Кампо, насловено „Витгенштајн и филмот“.

Фестивалскиот тим им се заблагодарува на сите посетители кои беа дел ова јубилејно, провокативно, полемично и поетично фестивалско издание!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни